Министерот за здравство Беким Сали не го поддржува најавениот штрајк на матичните лекари од 5 до 7 септември, бидејќи, според него не може преку пациенти да се бојкотира работа и да се даваат повици за масовно земање упати и терапии.
– Од самиот почеток кога пристапив во функцијата, првиот состанок го одржав со матичните лекари, бидејќи сметам дека се многу важен столб во здравствениот систем. Комуникацијата со нив е во континуитет, се среќаваме за различни теми, како што е Ковид, но и реформа во примарната здравствена заштита, изјави денеска министерот одговарајќи на прашање на денешниот настан во ГОБ „8 Септември“.
Според Сали, незадоволствата треба да се решаваат на маса со конкретни предлози кои ќе бидат разгледани и дискутирани.
– Ние во изминатиот период од шест месеци веќе дискутираме. Не можеме да направиме промена во систем во период од месец дена или два, или пак, под притисок знаејќи дека во изминатиот период ние постојано дискутиравме, повеќе точки се предложени на Влада, дадени се насоки, тоа се процедури исто како што имаме забелешки за јавните набавки исто и за измените кои треба да се направат во систем за справување со примарната здравствена заштита. Се бара време, тоа е единствената работа што сум ја побарал од матичните лекари, но за жал нема слух. За жал ние ќе продолжиме со нашата интензивна работа околу промените во примарната здравствена заштита. Моите колеги за жал ќе продолжат со бојкотирање, а пациентите се тие што трпат, изјави Сали.
Министерот посочи дека матичните лекари бараат упатот да не биде принтан бидејќи се трошело хартија, туку да биде електронски.
– Ние се согласуваме, но од збор до реализација значи дека ние како систем треба да овозможиме и хардвер и софтвер за кој треба јавна набавка која бара време за набавување на таква опрема. Лесно е да се каже, од хартија во е-форма, но реализацијата шест месеци во процедури не е ништо, рече Сали, додавајќи дека сликата е многу поголема од тоа што матичните лекари ја прикажуваат во јавноста.
Тој додаде дека имаат предизвик со младите лекари кои не сакат да бидат дел од примарното ниво, но и стареењето на здравствениот кадар и заминувањето на лекарите во пензија, но посочи дека тој проблем го третираат.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има индиции или простор за ревидирање на позитивната листа на лекови, Сали информира дека очекуваат да се одобри Правилникот за формирање позитивна листа на лекови што работната група ја донесе како финален производ.
Додаде дека тоа е многу важно бидејќи без правилник, доколку би пристапиле кон внесување на лекови во позитивна листа според претходната пракса тоа би значело дека повторно ќе имаме лекови кои на различен начин би успеале да бидат дел од позитивна листа.
– Овој правилник го направивме во соработка со Комисија од ЕУ и сметам дека ќе биде правилник кој ќе биде најобјективен во делот на селектирање кој лек под какви услови може да биде дел од позитивната листа. Секако тука треба да имаме на ум и фактот што ние како мала држава со слаба економија не може да дозволиме да ги имаме најскапите и најдобрите лекови, но се размислува и начинот како да се покријат сите пациенти со лекови кои би биле во позитивна листа со минимална доплата, рече Сали.
Тоа, како што посочи, не се само лекови кои пациентите ги доплатуваат од џеб туку тоа се во болничката листа на лекови.
– Комисијата треба да се состане пак, да ги разгледа забелешките на сите чинители во фармацевтската индустрија дали се прифатливи и потоа да пристапиме кон формирање друга работна група која ќе биде формирана од повеќе институции и таа да се фокусира кон внесување лекови на позитивна листа, се надевам тоа да биде во најкраток период, но се бара време, заклучи Сали.