Бројките на новозаболени и активни случаи на КОВИД-19 во земјава продолжуваат да паѓаат. Според направената серолошката анализа, 86 отсто од вакцинираните и 75 отсто од невакцинираните кои го прележале вирусот, имаат имунитет, но надлежните сметаат дека уште е рано да се зборува за дополнително олабавување на мерките.
Министерот за здравство Беким Сали е оптимист за општата состојба кај нас, но не е оптимист за мерките. Тој вчера појасни дека државите кои ни се репер како први држави кои ослободија мерки, кај нив денес се забележува враќање на првобитна состојба.
-За жал ние уште сме на граница меѓу жолта и зелена зона, но одиме повеќе кон жолтата зона. Веќе не е показател само бројот на новоинфицирани, многу е значајно на 100.000 жители колку се новоинфицирани, колку се хоспитализирани и колку се со последици од тоа. И индикаторот за хоспитализација и за новоинфицирани е позитивен. Се надевам дека оваа недела ќе испаднеме во зелена зона, меѓутоа дали ние сме подготвени да ги ослободиме мерките не сум сигурен и ќе треба да видиме што ќе одлучиме во среда на состанокот на Комисијата, изјави вчера ресорниот министер.
Според Сали, и природната и вештачката имунизираност кај народот не е гарант дека нема да се врати претходната состојба.
Тој посочи дека и Министерство за здравство, Институт за јавно здравје и Комисијата за заразни болести ја следат состојбата во државата, во регионот, но и пошироко, и напомена дека оваа недела на состанокот на Комисијата за заразни болести закажан за среда ќе разговараат за епидемиолошка состојба во државата.
Инаку, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 92 случаи на КОВИД-19, од направени 1.176 тестови. Оздравеле 363 пациенти, регистрирани се тројца починати.
Од новозаболените, од Скопје се 60, Кавадарци и Охрид по 6, Прилеп 5, Струмица 4, Куманово и Гостивар по 2 и Тетово, Штип, Кочани, Струга, Гевгелија, Радовиш и Делчево по 1.
Досега во земјата се направени вкупно 1.923.358 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 301.583. Бројот на оздравени пациенти е 290.617, на починати е 9.150. Бројот на активни случаи изнесува 1.816.
Во светот, бројот на заразени од Ковид-19 достигна 459 милиони, а битката со коронавирусот ја загубиле над шест милиони луѓе.
Според најновите информации за ширењето на КОВИД-19 низ светот, Кина завчера има пријавено 1.807 нови локални симптоматски случаи. Ова е највисока дневна бројка во изминатите две години и повеќе од тројно од бројот на случаи од претходниот ден.
Кина исто така даде одобрение за пет комплети за антигени направени од локални компании кои треба да се користат за само-тестирање, објави државната телевизија CCTV, бидејќи го менува режимот на тестирање…Кинеското тело за контрола на болести соопшти дека дневните случаи на КОВИД-19 во јужниот центар на провинцијата Гуангдонг би можеле да се зголемат на повеќе од 75.000.
Во однос на државите од Европа, германскиот министер за здравство во петокот предупреди дека земјата нема да успее да ја стави под контрола пандемијата и ќе биде до есен во иста ситуација како сега, доколку владата не побара целосна вакцинација на населенеито.
Швајцарија пак, обезбеди најмалку 14 милиони дози вакцини против КОВИД-19 за 2023 година.
Во Америка, министерката за финансии Џенет Јелен во петокот рече дека американската економија е подобро подготвена да ги преброди економските турбуленции од руската инвазија на Украина поради пакетот помош од 1,9 трилиони долари за КОВИД-19 донесен пред една година.
Австралиските власти пак, вчера предупредија дека бавното пуштање во употреба на засилувачките вакцини против КОВИД-19 би можело да ослободи нов бран инфекции поради заканата од многу заразната подваријанта BA.2 на сојот на коронавирус Омикрон.
Исто така, Кенија ги укина преостанатите ограничувања во петокот, вклучително и забрана за големи собири во затворен простор, како што се религиозни служби и барање да се претстави негативен тест за КОВИД-19 за патници кои пристигнуваат со авион.
Во меѓувреме, Светската здравствена организација (СЗО) изрази загриженост дека војната во Украина би можела да ја влоши пандемијата со коронавирусот, па оттаму настојува да стори повеќе за ограничување на ширењето на болеста.
Бројот на евидентирани случаи во регионот е помал споредбено со претходната седмица, но ризик од развој на тешки форми на болеста со смртен исход постои, особено поради ниската стапка на вакцинираност во Украина. Иста е ситуацијата и кај двата милиони бегалци кои поради воените дејствија преминаа во соседните држави.
Пад нови случаи и на починати од Ковид-19 изминатата недела
Минатата недела регистрирани сe 1.818 нови позитивни случаи од 30 градови во државата, што е намалување од 27,4 проценти во однос на претходната недела (n=2.504), а процентот на позитивност се движи од 7,8 до 13,8 отсто, просечно 11,6 проценти, соопшти Институтот за јавно здравје.
Според неделниот извештај на ИЈЗ, во периодот од 7 до 13 март, 2022г тестирани се вкупно 15.264 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 12 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=983; 54,1%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 167,6/100.000, Ресен – 163,4/100.000 и Скопје – 155,0/100.000.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60г (n=505, 27,8%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=60; 3,3%).
Во однос на претходната недела, се регистрира намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 41,7% во возрасната група од 0-9 години.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 2.400 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 267 реинфекции, со намалување од 28,2% во однос на претходната недела.
Пријавени се 34 смртни случаи во 13 градови во текот на изминатата недела, за 33,3% помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (17). Во однос на возраста, регистрирани се 33 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50-59 години.
На 17.02.2021 во Македонија започна вакцинацијата против COVID-19, а заклучно со 12.03.2022, вакцинирани се вкупно 871.669 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 851.655 лица, а со трета доза се вакцинирани 147.223 лица.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од од 07.03 – до 13.03.2022г, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.