Министерот за здравство, Беким Сали, во интервју за Макфакс вели дека е свесен оти постои хаос во здравството, посебно во Клинички центар во Скопје.
– За жал, во целиот хаотичен систем на Клиничкиот центар придонесуваат и повремени пропаганди кои се насочени кон демотивирање и давање на комплетно погрешна слика. На скопскиот Клинички центар има хаос затоа што е пренатрупан, а пациентите и вработените се незадоволни. Не може во таков хаос, како што го има на Клинички, да бидеме успешен, сигурен и безбеден систем за пациентите, рече министерот Сали.
Тој вели дека ова мора да се реши. Во еден таков хаос, како што вели, услугата ја добива тој што повеќе инсистира да добие услуга. За да се организира како што треба, според министерот, системот треба да се ресетира, односно да се врати назад.
– Сите ние плаќаме во системот, меѓутоа услугите ги добиваат тие што се поупорни за добивање на услугата, а тие што реално можеби имаат потреба и не се „снаодливи“ до тоа ниво, за жал чекаат. Значи, мора да го вратиме системот назад, да го организираме како што треба. Во таа насока до крајот на годината ние очекуваме современа дигитална опрема која ќе ни помогне за растеретување на Клиничкиот центар. До крај на годината треба да стигне опремата, околу два месеци трае инсталацијата и обуката на кадар. До март месец, мислам дека после март таа слика што се гледа во Клиничкиот центар во Скопје треба да се ублажи, ако не повеќе барем за 10 отсто, вели Сали.
Тој вели дека сѐ е концентрирано во скопскиот Клинички центар и затоа една од политиките е регионализација на болниците во другите градови, за да не се испраќаат сите пациенти во Скопје каде, според Сали, би требало да се испраќаат пациенти само за најсложените интервенции.