Функцијата министер за здравство не ми е утешна награда за изгубените избори во Чаир, изјави Беким Сали во гостување во емисијата „360 степени“, кој на локалните избори беше кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир од Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, но изгуби од Висар Ганиу од ДУИ.
-Не е утешна награда туку доверба која ми е дадена од страна и на партијата Алтернатива и на премиерот Ковачевски. Сите знаеме дека сме во период на голема битка со пандемијата, која веќе две години е присутна и да го преземеш Министерството за здравство значи дека си ентузијаст и имаш капацитет да се соочиш со ваков предизвик. Оваа доверба ми ја дадоа и премиерот, но и лидерот на партијата, рече Сали.
На прашањето кој беше неговиот став во органите на Алтернатива кога партијата се приклучи на иницијативата за уривање на Владата предводена од Зоран Заев, Сали посочува дека во политиката нема вечни пријатели или вечни непријатели.
-Знаете дека во политиката нема вечни пријатели или вечни непријатели. Има политички моменти кога вие треба да постапите според вашите принципи кои ги имате. Се што сме имале како забелешка во дотогашното функционирање на Владата, нашите забелешки кои сме ги пласирале пред јавноста, имавме став дека треба да бидеме верни на коалиција во која функциониравме како политичка партија. Се разбира, мисијата беше да падне една Влада и да им се даде шанса на реформите и промената што може да се направи. Сите ја знаете ситуацијата што се случи, потоа од денот кога не се реализираше падот на Владата требаше да прифатиме реалност дека Владата не падна и имавме две решенија – или да ја држиме Владата во заложништво со бројки 60-60 и така да одиме на предвремени избори, што реално не и одговараше на ниту една политичка партија, ниту на народот ниту на државата за да влеземе во нов предвремен изборен циклус и тука во овој случај ние го искористивме разумот повеќе, политичкиот разум…“, рече Сали.
Одговарајќи на прашањето дали тоа значи дека ја поддржал иницијативата за рушење на Владата на Заев, но кога тоа не се случи, одлучил да биде „за“ влез во Владата на СДСМ, Сали наведува дека по случувањата во Собранието утредента имало нова ситуација во која требало да се мисли само за иднинатата на државата.
-Се разбира, ние бевме децидни до моментот кога беше критичниот ден на гласање, бевме верни кон дадениот збор како коалиција дека треба да има промена во раководството на идната Влада, но после сета таа голгота што се случи во Собранието, утредента имаше нова ситуација каде требаше да се мисли само за иднината на државата, без разлика дали Алтернатива е на власт или опозиција, имавме покана за да ја стабилизираме Владата и да и дадеме дополнителна шанса на Владата која ќе се реформираше, рече Сали.