Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, денеска порача дека треба да се изготви извештај за присуството на ромски кампови на територијата на земјата, имајќи ги предвид идеите за нивно евентуално затворање, пренесоа западните медиуми.

Салвини, кој е и вицепремиер и лидер на крајнодесничарската партија „Лига“, од локалните власти побара да изготват „извештај за присуството на Роми, Синти и Каминанти”.

„Целта е да се провери постоењето на нелегални кампови за да се подготви план за нивно укинување“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Локалните власти имаат рок од две недели да го подготват бараниот извештај.

Синтите и Ромите се традиционално номадски етнички групи, кои со векови живеат во Европа. Советот на Европа проценува дека бројот на Синтите, Ромите и Каминантите во Италија изнесува меѓу 120.000 и 180.000. Споредено со целото население тоа е едно од најниските нивоа меѓу европските земји. Повеќе од половината од претставниците на овие заедници имаат италијанско државјанство, работа и станови, но нивната социјална интеграција е сложен процес и непријателските гестови кон нив се честа појава.