Во Берлин се одржува Самитот на Берлинскиот процес. Состанокот ќе го отвори германскиот канцелар Олаф Шолц, а еден од учесниците ќе биде и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Се очекува да бидат потпишани три регионални договори за мобилност.
Самитот на Берлинскиот процес е иницијатива што пред осум години ја покрена поранешната германска канцеларка Ангела Меркел со цел зајакнување на соработката на земјите од Западен Балкан и нивно приближување до ЕУ.
Со потпишувањето на регионалните договори земјите од Западен Балкан меѓусебно ќе ги признаваат универзитетските дипломи, професионалните квалификации за одредени професии и личните карти.
Договорот за признавање на академските квалификации го регулира признавањето на дипломите, продолжувањето на студиите и полесниот пристап до пазарот на трудот.
Исто така овозможува мобилност на студентите и академскиот кадар во Западен Балкан според европските стандарди.
Во првата фаза ќе се применува на државните универзитети, подоцна и на приватните.
Со него се скратува периодот на признавање на дипломите од постојните неколку месеци на најмногу 14 дена. Ги укинува постојните давачки, вишокот документи и процедури, за граѓаните од регионот полесно да учат и да работат.
Друг договор предвидува автоматско признавање на професионалните квалификации за лекари, стоматолози и архитекти како професии што недостигаат на пазарот на трудот.
Тој овозможува обезбедување услуги на лекари, стоматолози и архитекти во Западен Балкан врз основа на директивата на ЕУ. Регулирањето на мобилноста на три професии се гледа како основа за преговори за уште четири професии во наредниот период – акушерки, медицински сестри, фармацевти и ветеринари.
Договорот за слобода на движење и престој на граѓаните значи меѓусебно признавање на личните карти. Овој договор го поедноставува преминувањето на границите и административните премини за жителите на Западен Балкан со еден документ – лична карта. Страните се обврзуваат да ги олеснат процедурите за влез, транзит и краток престој.