Со пораки до Европската унија да и даде зелено светло на Македонија за почеток на преговорите на претстојниот состанок на Европскиот совет поради тоа што земјата тоа го заслужува – со Грција го реши спорот за името, со Бугарија постигна Договор за добрососедство, е пример во регионот, но и во Европа и го интензивира реформскиот процес – помина самитот што во организација на „Економист“ се одржа вчера во Скопје.
Европската унија ризикува да го загуби својот кредибилитет доколку не и даде на земјава зелено светло, а тоа негативно би се одразило и врз целиот регион, заклучија учесниците на Самитот на „Економист” на тема „Зајакнување на моментумот за европска интеграција”.
Околу 450 учесници, меѓу кои странски бизнисмени, политичари и менаџери на компании важни за регионалната амбиција за евроатлантски интеграции, како и новинари говореа за европските перспективи на Западен Балкан и и оддадоа признание на досегашните успеси на земјава.
Самитот се одржа пресрет на очекуваната одлука за доделување датум за почеток на преговори за С. Македонија и почеток на нова ера во евроинтеграциските процеси на Западен Балкан.
Премиерот Зоран Заев на присутните им порача дека доколку Европскиот совет не одлучи позитивно и не даде датум за почеток на преговори со С. Македонија ќе го казни најдобриот пример од државите во регионот.
Заев истакна дека земјава веќе 15 години е во чекалницата на ЕУ и оти разбира дека некои членки се против проширувањетона ЕУ, но оти ние не сакаме веднаш членство, туку само да ги отвориме преговорите да добиеме шанса и да го трансформираме нашето општество.
Пред учесниците говореше и поранешниот колега на Заев, сега лидер на опозицијата во Грција, Алексис Ципрас сега лидер на опозицијата во Грција.
Тој говореше за Договорот од Преспа и го означи како победа на дипломатијата над национализмот, можност за поблиска соработка меѓу двете земји, придонес за мирот и стабилноста во регионот, нешто за што се залага и Европската унија.
Со ова, порача тој, С. Македонија покажа дека е кредибилен партнер на Европската унија и таа треба да одреди датум за почеток на пристапните преговори на следниот состанок на Европскиот совет.
Потпретседателот на Европскиот парламент Димитриос Пападимулис побара од Европскиот совет да ги почне преговорите со С. Македонија и Албанија, истакнувајќи дека овој позитивен моментум во регионот не смее да се испушти.
-Владата на С. Македонија докажа дека е посветена на ЕУ и ја покажа својата храброст да напредува во важните реформи. Со години истакнувавте дека секоја земја треба да оди напред врз основа на сопствените заслуги. Така докажете ја вашата стратегија и не го поврзувајте процесот на европска интеграција на една држава со процесот за друга држава, рече Пападимулис.
А поранешниот помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел потенцира дека Западот треба да покаже дека позитивните примери треба да бидат наградени, а Преспанскиот договор беше таков позитивен пример.
-Тој отвори ново поглавје во односите меѓу Грција и С. Македонија, даде можности за подобра економска соработка и го отвори патот на Скопје кон Европската Унија. Преспанскиот договор има ефект и врз целиот регион, тој е резултат на серија активности и е важен моментум за интеграција на целиот Западен Балкан, истакна Мичел, кој го спомена и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Предупреди дека ако земјите од регионот не станат дел од ЕУ нешто друго ќе ја пополни таа празнина, без оглед дали тоа ќе бидат Русија и Кина или нови етнички судири.
-Кога станува збор за иднината на Западен Балкан времето е навистина погодено, а С. Македонија е пример за тоа како треба да функционираат државите. Патот не беше лесен и не е целосно завршен, но јасно ја покажува улогата на оваа држава во регионот, е пораката што од Самитот ја пренесе американската амбасадорка Кејт Бернс, која посочи дека ова ќе биде и пораката што до земјава ќе ја упати и државниот секретар Мајк Помпео за време на посетата на Северна Македонија најавена за в петок.
Ќе биде истакнато, како што рече Бернс и членството на С. Македонија во НАТО како 30-та членка откако ќе заврши процесот на ратификација на протоколот.
Ги Верхофштат, поранешен премиер на Белгија и член на Европскиот парламент порача дека сите сите балкански земји треба да бидат дел од ЕУ колку што е можно побрзо.
-Интегрирајте го Балканот во ЕУ и сте ги решиле сите проблеми, им рече тој на присутните.
– Постојат препреки во ЕУ и верувам дека ќе бидат решени. Се надевам дека во октомври Европскиот совет ќе донесе позитивна одлука и ќе ги започне преговорите, а потоа ќе видиме како ќе се одвиваат преговорите, рече Верхофштат.
Поранешниот претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц смета дека ЕУ во октомври треба да испорача датум на почеток на преговорите на С. Македонија и Албанија.
– Да, дефинитивно тоа ќе биде така, мислам дека како личности треба да си ги одржуваме нашите ветувања а особено во политичкиот живот. Се надевам дека во средината на октомври Советот ќе одлучи за отпочнување на пристапните преговори како што беше ветено. Се надевам дека нема повторно да се одложува. Меѓутоа, моето искуство по три децении работејќи во европските инстиуции и европската политика ми кажува дека ништо не можеме да предвидиме. Така што не знам што ќе се случи, рече Шулц,
Пред приситните се обрати и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој посочи дека доколку ЕУ не одговори позитивно на напредокот на С. Македонија, ќе го поткопа сопствениот кредибилитет, ќе ја загрози европската перспектива на регионот, а со тоа и самиот процес на проширување, онаков каков што го знаеме.
Тој сепак посочи дека се надева и е убеден во позитивниот исход за земјава. Истакна дека почетокот на пристапните преговори ќе биде одлична можност за сите нас да создадеме постабилна, побезбедна, попросперитетна Европа, а обединета ЕУ со посилен консензус нема да се смета како проблем, туку ќе биде можност за сите.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров порача дека на 15 октомври ќе имаме средба со историјата.
-Се надевам дека тогаш ќе го почнеме процесот на преговори со Европската унија. Четиринаесет години сме држава кандидат за членство, изгубивме цела генерација, беше потребно лидерство и државништво и да се сфати дека со сопствен труд и борба можете да ја истуркате својата работа, нагласи тој.
Учесниците дискутираат и за тоа кои се најголемите економски предизвици на Западниот Балкан, како се развива регионалната соработка, и на кој начин регионот може да привлече поголеми странски инвестиции.
За економските перспективи меѓу другите говореа и вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и министерката за финансии Нина Ангелова.
Овој настан се одржа во година која е клучна затоа што станува збор за уникатна ситуација со оглед на очекуваниот Брегзит, новиот состав на Европската комисија и Европскиот парламент, но и трговските војни на САД и поместувањата на глобалната геополитичка мапа.