Лидерите на државите од Г7 ќе се сретнат во крајот на денот во Биариц на самит од кој се очекува да излезат со јасни решенија за кризите што ја зафатија планетата – трговската војна, Иран и пожарите во Амазонија.
Пожарите во големата бразилска прашума беа додадени во последен момент како главна тема за првиот ден од самитот.
Илјадници дипломати и новинари на Биариц очекуваат да откријат какви ставови ќе донесе американскиот претседател Доналд Трамп за прашања за кои има несогласување меѓу лидерите.
Домаќинот на самитот, францускиот претседател Емануел Макрон сака водачите на Велика Британија, Канада, Германија, Италија, Јапонија и САД да се фокусираат на прашањата за одбрана на демократијата, родовата еднаквост, образованието и климатските промени.
Белата куќа во петокот соопшти дека Доналд Трамп е „многу возбуден“ поради разговорот со Борис Џонсон за идниот договор за слободна трговија меѓу нивните две земји.
Ќе се разговара и за одданочувањето на најголемите технолошки компании, за заживување на економијата и за ескалацијата на трговската војна меѓу Пекинг и Вашингтон, особено по наметнувањето нови царини од обете страни.
Трамп отпатува од Вашингтон во Франција во петокот само неколку часа откако објави за 5 проценти зголемување на царините на кинескиот извоз во вредност од 550 милијарди долари.
Американскиот претседател, исто така, се закани и на земјата домаќин, Франција, со наметнување данок на вино во време кога односите со долгогодишните европски сојузници се веќе заладени.
Во разговорот за иранската нуклеарна програма, Емануел Макрон ќе ги информира водачите за заклучоците од неговата средба со иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф, кој во интервју ги оцени француските предлози за излез од кризата како охрабрувачки.
Поради големиот број теми, француските организатори ќе преместат одредени теми на посебни расправи, како што се борбата против нееднаквоста, образованието во Африка и заштита на океаните, со надеж за започнување „конкретни иницијативи“, заедно со другите поканети лидери како што се индискиот премиер Нарендра Моди и шест африкански шефови на држави.