Хелсинки, местото каде ќе се одржи самитот Трамп-Путин, има историска важност во дипломатските односи меѓу САД и Русија.

Во 1975 година, САД и Русија, односно Советскиот сојуз, заедно со уште 33 држави потпишаа договор за смирување на тензиите од Студената војна. Познат како Завршен договор од Хелсинки, документот беше потпишан на безбедносната конференција на која беше американскиот претседател Џералд Форд и советскиот лидер Леонид Брежњев.

Другиот значаен состанок на американските и на советските водачи во Хелсинки се одржа во 1990 година кога Џорџ Буш се состана со Михаил Горбачов поради ирачката инвазија врз Кувајт, што подоцна доведе до американска интервенција и првата Заливска војна.

Бил Клинтон се сретна во 1997 година во главниот град на Финска со Борис Јелцин кога двајцата претседатели разговараа за проширувањето на НАТО на балтичките држави. Токму на тој состанок Клинтон повика Русија да се приклучи на групата Г7, која стана Г8.

Кругот овој пат би можел да да се затвори во Хелсинки: Русија е исклучена од таа група поради украинската криза, но пред почетокот на самитот на Г7 минатиот месец, Трамп навести дека Русија треба да се повика повторно да им се приклучи на индустриски најразвиените земји во светот.

Финска, која во 1917 година се избори за независност од Руското царство, историски одржува неутрален став кон споровите на Западот и Русија и во текот на Студената војна, имаше добри трговски и дипломатски односи со двата блока.

Иако е членка на ЕУ, државата не влезе во НАТО како повеќето членки на Унијата, а во регионот задржа стратешки неутрален став.

Веројатно поради тоа, финскиот главен град беше домаќин на состанокот на шефовите на американската и руската армија Мајк Мулен и Николај Макаров во екот на војната меѓу Русија и Грузија.

Хелсинки претходно годинава беше домаќин на неслужбените преговори на Северна и Јужна Кореја и на САД, пред почетокот на самитот меѓу двете Кореи и подоцна меѓу Пјонгјанг и Вашингтон.

Во меѓувреме, Финска најави дека од петок на четири дена повторно ќе воведе гранични контроли за патници од државите членки на шенгенскиот договор, пред средбата на Трамп и Путин на 16 јули во Хелсинки.

– За да ја зајакнеме безбедноста, проценивме дека е оправдано да се вратат контролите на нашите внатрешни граници, изјави Кимо Елома, претставник на Министерството за внатрешни работи. Тој додаде дека целта е да се спречи влез на поединци кои за време на самитот би можеле да го загрозат јавниот ред и безбедност.