При пристигнување на Самитот на НАТО во Брисел, по појадокот со американскиот претседател Доналд Трамп, кој упати остри критики за ниските буџетски стапки за одбрана на земјите членки на НАТО, генералниот секретар Јенс Столтенберг беше одлучен да покаже оптимизам дека Алијансата денеска ќе остане обединета.
– Зборовите на Трамп се силни но сите се согласуваме, тоа е тоа што почнавме да го правиме. Очекувам отворени дискусии. И покрај разликите очекувам да се согласиме дека сме посилни заедно. Откако со децении сојузниците ги намалуваа буџетите за одбрана за стотици милијарди евра и долари, сега гледаме дека додаваат стотици милијарди долари и евра за одбраната. Ова е најголемото зголемување во Европа и Канада. Сите сојузници го зголемуваат буџетот за одбрана, рече Столтенперг.
Тој, како што јави МИА, изрази уверување дека ќе се исполнат заложбите за зајакнување на заедничката одбрана, како и во борбата против тероризмот преку мисии за обука и ќе се покаже дека НАТО и натаму е осврнат кон целите.
По тензиите во трговијата и неуспехот на Г-7 самитот во Канада, сојузниците на НАТО стравуваат од непредвидливоста на американскиот претседател.
Македонска владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, денеска и утре, ќе учествува во работата на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО во Брисел.
Во состав на делегацијата се и заменик-претседателката на Владата и министер за одбрана, Радмила Шекеринска-Јанковска, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и националниот координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, Стево Пендаровски.
Според агендата, попладнево Заев ќе има обраќање на настанот „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“, по што ќе замине на свечената вечера на шефови на држави и влади на земји членки, и на шефови на држави и влади на земји членки и партнери, што ја организира премиерот на Белгија Шарл Мишел.
Агендата на годинашниот самит во Брисел утре предвидува прес-конфереција на генералниот секретар Јенс Столтенберг, и церемонија на врачување на поканата за започнување на пристапните преговори за членство во НАТО за Република Македонија.