На неформалната средба во романскиот град Сиби шефовите на влади или држави од 27-те држави кои остануваат во ЕУ по предвидениот Брегзит, денеска ќе усвојат текст со 10 заклетви.
Според нацрт-декларацијата, во која имал увид весникот „Вечерњи лист“, која се очекува денеска да биде усвоена, лидерите на 27-те држави-членки се обврзуваат дека ќе останат обединети, без разлика на сè и без разлика што ќе донесе иднината. Лидерите ќе се обврзат дека нивните држави ќе искажуваат солидарност во неволја, ќе се слушаат едни други во духот на разбирањето и почитта и секогаш ќе се обидуваат да најдат заеднички решенија за проблемите.
„Ќе продолжиме да го штитиме нашиот начин на живот, демократијата и владеењето на правото. Неотуживото право и темелните слободи на сите Европејци се тешко изборени и никогаш нема да ги земаме здраво за готово“, се наведува во нацрт-текстот.
Меѓу десетте обврски е и онаа која вели дека европскиот буџет ќе биде усогласен со амбициите на Европската унија.
Од денешниот собир се очекува дека една од главните пораки ќе биде и таа дека ЕУ не смее да се дели на западен и источен дел, на стари и нови држави-членки.
10 обврски за иднината на Унијата
- Ќе ја браниме единствена Европа, од исток до запад, од север до југ, бидејќи нема место за поделбите кои се против заедничкиот интерес.
- Ќе останеме обединети, што и да се случи. Ќе покажуваме солидарност во тешки времиња. Можеме и сакаме да зборуваме со единствен глас.
- Секогаш ќе бараме заеднички решенија, слушајчи се едни со други во духот на разбирањето и почитта.
- Ќе продолжиме да го штитиме нашиот начин на живот, демократијата и владеењето на правото. Неотуѓивите права и темелните слободи на сите Европејци се тешко изборени.
- Резултати ќе покажеме онаму каде е најпотребно. Европа и натаму ќе биде голема во големите работи.Ќе ја приближиме Унијата до граѓаните.
- Секогаш ќе го заштитуваме принципот на фер игра и чесност, без разлика дали се работи за пазарот на труд, социјалната заштита, економијата или дигиталната трансформација.
- Ќе обезбедиме средства согласно амбициите. Унијата ќе ја снабдиме со средства потребни за спроведување на нашите цели и политики.
- Ќе ја заштитиме иднината за следните генерации Европејци. Ќе инвестираме во младите луѓе и ќе изградиме Унија способна да се справува со најтешките предизвици во 21 век.
- Ќе ги заштитиме нашите граѓани и ќе се грижиме за нивната безбедност, инвестирајќи во мека и тврда моќ, така што ќе соработуваме со меѓународните партнери.
- Европа ќе биде одговорен глабален лидер. Ќе продолжиме со нашите партнери на одбрана и развој на меѓународниот поредок, втемелен на правила. Заедно ќе се бориме против климатските промени, се посочува во нацрт-декларацијата, во која имал увид „Вечерњи лист“.
Денешниот Самит требаше да го означи почетокот на нова ера на ЕУ со 27 членки. Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер прв ја изнесе идејата за посебен Самит во Сиби, на кој Унијата би се свртела кон иднината, откак првпат во историјата ја напушти една членка. Предлогот на Јункер беше Самитот да се одржи на 30 март 2019 година, еден ден по излегувањето на Велика Британија од ЕУ, како што тогаш бесе планирано.
Но, со одложувањето на Брегзит, Самитот е закажан за 9 мај, Денот на Европа.
Во земјите на Европската унија посебно значење има Денот на Европа, како ден кој ја означува пресвртницата во односите на европските земји и е отворен патот за создавање заедница на држави на тој континент.
Институциите на ЕУ традиционално на 9 мај ги отвораат вратите за граѓаните, а претставништвата на ЕУ ширум светот организираат различни активности и собири наменети за граѓаните, како што се дебати, концерти и посети.
Денот на Европа – 9 мај, е воспоставен како ден на сеќавањето на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, која се смета за прв официјален чекор во создавањето на ЕУ.
Декларацијата била предлог за поранешните непријатели, Франција и Германија, да воспостават организација која заеднички ќе управува со нивните индустрии за јаглен и челик, со цел војната во Европа никогаш да не се повтори.
Предлогот доведе до создавање Европска заедница за јаглен и челик во 1951 година, претходник на Европската економска заедница, односно денешната ЕУ.