Природен чекор е Западниот Балкан да биде дел од Европската Унија, која пак мора да покаже повеќе ентузијазам за процесот на проширување.
Ако Европа сака сериозно да биде сфатена како глобален играч, мора сериозно да размисли за одлуките кои претстојат. Потребно е повторно да се поттикне динамиката на процесот на проширување и нов почеток на проширувањето за да се овозможи исполнување на ветувањата на регионот во однос на неговата интеграција во ЕУ. За тоа се потребни се дејства на теренот за да се потврди пораката дека членството на Западен Балкан во ЕУ е споделен стратешки избор.
Ова беа главните пораки на учесниците на Самитот за Западен Балкан на „Економист“ што вчера се одржа во Скопје, кои изразија надеж дека процесот на проширување на ЕУ е сѐ уште жив и ја повикаа Унијата да ги исполни ветувањата дадени кон Западен Балкан.
Американскиот заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи, Габриел Ескобар, во видео разговор со регионалната директорка на „Економист“ за Европа Џоан Хоеј, во рамки на Самитот, рече дека политиката на САД е тесно усогласена со европските партнери за тоа што треба да се направи во регионот на Западен Балкан.
– Кажано со еден збор – тоа е евроинтеграција. Американската политика е насочена кон поддршка на европската политика на насочување на земјите од Западен Балкан кон друштвото на западните демократски земји. Точка. Тоа е нашата политика и се останато е само тактички пристап како тоа да се направи. Тоа е нашата крајна цел за регионот на Западен Балкан и ако гледате на регионот историски и културно тие се Европа, и нивните граѓани и економии се тесно поврзани со Европа, истакна Ескобар.
Од наша перспектива, додаде тој, е природен чекор, дека тие треба да бидат дел од ЕУ, која веќе има огромно влијание во овие земји.
– Прифаќаме дека не сите земји од ЕУ се отворени за брз прием на нови земји членки, како и дека земјите треба да ги исполнат реформските обврски. Но, тоа се прашања на кои САД и ЕУ работат заедно. Но, работиме одблизу со европските партнери за приближување и затворање на овие прашања, истакна Ескобар.
Нашето искуство, нагласи Ескобар, со нови земји членки од регионот во НАТО, особено со Црна Гора, Албанија и Македонија е дека се добри и солидни партнери.
– Сметам дека тоа е она што ЕУ може да го очекува од овие држави. ЕУ може да очекува дека овие земји ќе бидат солидни соработници, нагласи Ескобар.
Потврди дека САД и ЕУ се партнери во однос на политиката кон Западен Балкан.
– Точно е дека се гледаме себеси во Западен Балкан како партнери со ЕУ. Всушност се позитивно што се случи на Балканот почнувајќи од Дејтон до минатиот месец кога дијалогот воден од ЕУ успешно го разреши спорот со регистарските таблички помеѓу Србија и Косово сето ова беше спроведено во партнерство и координација помеѓу САД и Европа. И продолжуваме во таа насока. Целосно ги поддржуваме европските напори за разрешување на ова прашање помеѓу Србија и Косово и прашањето на интегрирање на Албанија и С. Македонија и одржување на Црна Гора на европската патека и сите напори БиХ да стане уште пофункционална држава административно. На сето ова гледаме како партнери, рече Ескобар.
На Балканот, Ескобар посочи дека гледаат како на предизвик, иако политички има некои прашања кои треба да се решат.
– Ние гледаме вистински можности за партнерство со еден од најбрзо растечките региони во Европа. Има регионален тренд кон регионална економска интеграција на земјите надвор од ЕУ, без разлика дали тоа се вика Заеднички регионален пазар или Отворен Балкан, или нешто друго, тоа се случува и тоа многу брзо и сметам дека тоа е нешто позитивно, изјави Ескобар.
Регионот на Западен Балкан економски гледано, според Ескобар, е регион од 20 милиони жители, економија од 125 милијарди долари и економски раст и до пет проценти на годишно ниво во некои случаи.
– Ние на Западен Балкан гледаме како на партнер и сметаме дека и нашите европски партнери треба да гледа така. Тие претставуваат само пет проценти од вкупната ЕУ популацијата, а претставува така голем чекор, изјави Ескобар.
Во меѓувреме државниот секретар на САД Ентони Блинкен од Вашингтон ја поздрави продолжената недвосмислена поддршка на ЕУ за европската перспектива на Западен Балкан и заложбата кон процесот на проширување. Тоа го изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, по средбата на Блинкен со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жосеп Борел во Вашингтон.
– Државниот секретар ја поздрави продолжената недвосмислена поддршка на ЕУ за европската перспектива на Западен Балкан и заложбата кон процесот на проширување, и ја истакна потребата да се продолжи понатаму со пристапниот процес со Албанија и С. Македонија, нагласи Прајс.
Како што јави „Гласот на Америка“, Прајс наведува дека секретарот Блинкен ја потврдил важноста од партнерството меѓу САД и ЕУ, и заложбата на САД да работат заедно со ЕУ да се спротивстават на заедничките предизвици.
Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу – актуелен претседател на Социјалистичката интернационала во видео обраќање на форумот потсетувајќи се на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Солун 2003 година и јасната порака за европерспективата на целиот регион, рече дека сега перцепцијата на многумина е дека има забавување на процесот.
– Прашањето за проширувањето на ЕУ, мислам дека не треба да се обвинува Западниот Балкан за тоа. Други зборуваат за земји како Унгарија и Полска, кои имаат тргнато по погрешен пат. Повторно, кој е виновен за тоа и дали ЕУ го реформираше процесот на преговарање врз основа на демократскиот развој или не, изјави Папандеру на панелот „Визија за Европската Унија и Западниот Балкан – Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: зошто е тоа критично за иднината на Европа?“ .
Не само Западен Балкан, туку и поширокиот Балкан, посочи Папандреу, и покрај нашите конфликти во минатото отсекогаш имал историска визија на заедничка работа и мора да работиме заедно, да направиме демократски реформи и промени за навистина да станеме еден просперитетен регион.
– Меѓутоа, не сум сигурен, дека тоа наскоро ќе може да стане реалност. Мислам, дека ова е огромна историска одговорност на ЕУ. Народите во овој регион навистина сакаат демократски балкански општества, соработка, мир и просперитет. Она што ЕУ може да направи е да гарантира и каже дека постојат изгледи и јасен патоказ и еве како ќе се движиме напред. На тој начин, повторно да се поттикне динамиката, која што е потребна и за која зборуваат многумина од премиерите, изјави Папандреу.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, говорејќи на истиот панел, рече дека Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо, овозможи повторно да се потврди пораката дека членството на Западен Балкан во ЕУ е споделен стратешки избор.– Лидерите изразија заедничка визија за проширена ЕУ, која што врз база на европските вредности и принципи ќе ги вклучи сите земји од Западниот Балкан, со почит на демократијата, човековите и социјалните права, истакна Гир.Западниот Балкан, нагласи тој, географски е опкружен од земји-членки на ЕУ и природно е дел од Европа, а тоа нуди големи можности во поглед на поврзаноста, трговијата, транспортот, блискоста до европскиот единствен пазар, дигитализацијата, човековиот капитал и тн.– И ЕУ е соочена со слични предизвици и нашите одговори на овие предизвици секогаш ќе бидат несоодветни, доколку не ги земеме во предвид сите земји од регионот. Ова го констатиравме и со пандемијата и со пожарите кои се случуваа ова лето, изјави Гир.Ревидирањето на преговарачката рамка, нагласи Гир, е од витална важност за да се обезбеди стабилност во ЕУ и отпорност на самите земји со нивното пристапување.– Ова бара партнерите да бидат одлучни во спроведување на бараните реформи на одржлив начин, а од ЕУ бара тие да продолжат да демонстрираат дека нивниот пристап е базиран врз исполнетите перформански. Многу е важно да отпочнат преговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија, затоа што и двете земји ги испорачаа реформите и ЕУ е посветена на ова од март 2020 година. Исто така, е во интерес на ЕУ, да возвратат согласно очекувањата. Мора да работиме на остварување на овие цели, најбрзо што е можно, изјави Гир.
За поранешниот германски вицеканцелар и МНР Јошка Фишер нема сомнеж дека Западниот Балкан припаѓа и мора да припаѓа во Европа, но ЕУ во моментов, вели, е во една многу сложена ситуација, соочена со низа внатрешни предизвици како, Полска и Унгарија, Брегзит, прашањето на Северна Ирсака, и тоа го блокира процесот на проширување.
– Ситуацијата во ЕУ не оди во прилог на проширувањето, но мора да се размислува геополитички што ќе се случи во едно ривалство, можеби и конфликт меѓу двете супер сили во 21 век САД и Кина . Што би била нашата улога а одговорот е на едно теоретско ниво а тое е стратегиска автономија. Можам да им препорачам на државите во регионот да ги решаваат овие прашања не само во Брисел туку и во Париз и Берлин. Тоа значи да се создаде долгорочен стабилен поредок, мир и просперитет во Западниот Балкан. Тоа е само теоретска фантазија, мислам дека ЕУ е одговорна за нејзиното непосредно соседство. Но ЗБ е повеќе од соседство, тоа е дел од Евопа и тоа треба да се разгледува како една можност за нов почеток на проширување. Колку подобро работите дома толку полесно може да ги убедите европејците да се продолжи со пристапниот процес, вели Фишер.
Според него, тоа нуди голема можност заедно со политичарите од регионот заедно да работиме на процесот на проширување како процес на стабилност.
– Потребен ни е нов почеток на процесот на пропширување и тоа треба да се поврзе со прашањето на стратешка автономија.Тоа ќе ги отвори вратите во менталниот склоп на Европејците. Така што не сум песимист, треба јасно да се каже ЗБ припаѓа на Европа и точка. Второ треба да работиме навистина напорно и да ги искористиме сите придобивки од пристапниот процес во економска политичка и општествена смисла и трето не е мудро да се отворат вратите за неевропски актери како Кина. Тоа може да даде бенефит на кус рок, но на подолг рок ќе го ослабне процесот на проширување. Во таа игра меѓу Кина и Западот на долг рок тоа може да биде доста опасно за пристапувањето кон ЕУ. Не треба да бидеме песимисти има многу причини за оптимизам, вели Фишер.
Според вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, примена е многу јасна порака од самитот во Брдо, дека ЕУ е посветена на процесот на проширување и на одлуките кои таму и беа донесени, што не беше спомнато на последните самити во Загреб и во Софија, а беше јасно дадено ветување од самитот во Солун 2003. Тој се надоврза на Јошка Фишер во однос на прашањето зошто дојде до проширувањето, но и зошто треба да продолжи со конкретни дејства.
– Мирниот политички поредок на регионот е тесно поврзан со европската интеграција. Ако ја изземеме оваа цел, ова ветување ќе влезат во игра некои алтернативи, а тоа го имаме видено во 90-те како искуство. Значи обединетиот Балкан е единстгвено можен доколку имаме функционален процес на европска интеграција и потцртани и повторени ветувања како оние дадени во Солун. Она што недостасува освен јасната политичка порака е дејствување, акција на терен, рече Димитров.
Тој додаде дека според актуелната состојба во регионот, последното поглавје за Србија се отвори во декември 2019, за Црна Гора во јуни 2020, ние и Албанија добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ и се уште не можеме да ги почнеме, Косово ги испорача барањата во однос на либерализацијата на визниот режим но и тоа не се случило, а БиХ се уште е потенцијална земја кандидат.
– За враќањето на довербата на луѓето дека ова е можно да се случи потребна е акција. Не е фер да се обнвини ЕУ за ова бидејќи таа е комплексен механизам. Има 27 членки и потребна е само една земја да спречи донесување на некоја одлука по однос на проширувањето. Сметам дека за да го отвориме ова ново поглавје, да се врати моментумот на Балканот, потребно е соседите од Софија да ја преземат својата обврска. Многу зборуваме за заедничка историја, но имаме и заеднички регион и ние треба да имамме заедничка европска иднина. Значи време е да се покаже лидерство, но и одговорност, бидејќи сите ние ја губиме шансата, моментумот на Балканот. А да се врати оваа шанса и да се преобрати за доброто на сите мора брзо да дејствуваме, вели Димитров.
Димитров, повикувајќи се на силниот ангажман на Меркел и Макрон за надминување на спорот и јасната поддршка од холандскиот премиер Руте, оцени дека прашањето со Бугарија треба да се реши бидејќи влогот е висок за целиот регионот, и додаде дека нашата Влада е за пријателството со Бугарија и оти е вистинско време да се преземе одговорност и лидерство.
– Мораме да имаме разумно европско решение усогласено со европските стандарди кое исто така ќе го почитува и дигнитетот на македонските граѓани. Да се биде земја членка не е слободна лиценца, со дозвола да се прави што се сака. Постои легитимен интерес на секоја земја да ги остварува своите национални интереси меѓутоа ова мора да е усогласено со европската политика ако зборуваме за приклучувањето кон ЕУ, рече Димитров.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на Самитот посочи дека ако Европа сака сериозно да биде сфатена како глобален играч, мора сериозно да размисли за одлуките кои претстојат. Балканот секогаш беше лакмусов тест за желбата, посветеноста, силата и амбицијата на Европа. Сега е време повторно да се покаже овој европски порив и амбиција, нагласи
Споменувајќи го недостатокот на ентузијазам во ЕУ за процесот на проширување, Шекеринска рече дека Македонија во меѓувреме работеше напорно и испорача повеќе од потребното.
– Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, политиките како што се транспарентноста, слободата на медиумите – сите овие важни прашања беа реализирани затоа што ние сериозно ја сфативме нашата задача и испорачавме. Нашето членство во НАТО кое што се случи минатата година, ни даде простор да дишеме послободно, но за С. Македонија секогаш имавме двојна цел – тоа се членството во НАТО и во Европската Унија, рече Шекеринска.
Во однос на искуствата од проширувањето на Унијата, таа истакна дека иако некои од земјите-членки не се среќни со овој процес, она што треба сите да се запрашаат е како би изгледала европската геополитичка сцена денес, доколку не се случеа двете големи последни проширувања.
– Какви ќе беа геополитичките предизвици за ЕУ доколку лидерите на Унијата пред 20 години не беа доволно храбри да чекорат напред. Тоа треба да биде потсетник за актуелните лидери на Европската Унија дека безбедноста станува предизвик секој пат кога ќе ја занемариме геополитиката, истакна Шекеринска.
Претходно, на самото отворање на Самотот, премиерот Зоран Заев рече дека од голема важност е заедно да ги дискутираме прашањата за идните чекори кои ќе не водат до повисок раст на економиите, за реформите и нивно спроведување, за конкурентноста, социјалната кохезија, финансиските системи, бизнис партнерствата и сето тоа во контекст на нашиот заеднички пат и визија кон ЕУ.
– На самитот на „Економист“ во Атина, што се одржа во јули оваа година, ја истакнав важноста од економски просперитетен Балкан на 21-от век, интегриран во Европската Унија. Тоа се постигнува исклучиво со заедничка соработка со државите од регионот, Европската Унија, САД и сите пријателски држави, со посветена работа и верба во подобра иднина, истакна тој.
Заев истакна оти е горд што Македонија постигна договор со Грција и што денес сме членки на НАТО.
– Тоа значи сигурност и безбедност, како и можност за економски развој, инвестиции и економски просперитет. Нашата држава ги исполни сите услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ, што е безусловно потврдено од страна на Европската Комисија. Се заблагодарувам на сите држави членки на ЕУ кои ни ја даваат безрезервната поддршка во овој процес, а посебна благодарност за премиерот на Грција за поддршката особено во последните неколку месеци, и за континуираната поддршка на САД, рече Заев.
Косовскиот премиер Албин Курти рече дека е важна заедничката соработка во регионот, и јакнење на институциите, ослободени од криминал и корупција. За тоа, рече, Курти, потребни се функционални реформи и владеење на правото.
Тој истакна и дека е важен и социјалниот и економскиот напредк во регионот, и тој како социјалдемократ, верува во фер економија со еднакви можности за мажите и жените.
Курти, во одговор на прашањето дали ја поддржува иницијативата Отворен Балкан, рече дека Косово поддржува иницијативи во кои од самиот почеток е вклучена Европската Унија, наместо тоа да го правиме без ЕУ.
– Ние го поддржуваме заедничкиот регионален пазар и сметаме дека тоа е вистинскиот пат нанапред, изјави Курти, додавајќи дека поддржуваат нов договор со посредништво на ЕУ, што, како што рече, ќе го олесни спроведувањето на иницијативите во кои е вклучена самата Унија.
– Веруваме дека е многу подобро доколку од самиот почеток ЕУ е вклучена во сите иницијативи наместо да се обидуваме да го правиме тоа без ЕУ. Од друга страна морам да кажам дека ниту како политичка ориентација, ниту како културна сензитивност јас не припаѓам во групата луѓе кои веруваат во самодоволноста на Балканот. Јас сметам дека ЕУ е нашата судбина, а Европа е нашиот континент, истакна Курти.
Меѓутоа, додаде тој, за таа цел потребно е да ја вклучиме ЕУ, таа треба да биде вклучена во сите наши земји, но да не импровизираме да работиме внатре, туку потребна ни е помош однадвор.
Курти исто така оцени дека најпрвин ни се потребни функционални демократии и владење на правото, наместо автократија и корупција. Не само на Западен Балкан, туку и во самата ЕУ, рече тој, сведоци сме на тенденции на непочитување на клучните демократски вредности и начела.
– Во рамки на ЕУ тие тенденции понекогаш се нарекуваат либерална демократија, додека на Западен Балкан тоа се нарекува нестабилна демократија, но она што им е заедничко е напад врз основните права и слободи, како што е слобода на говорот и независност на судството. Тоа резултира со молк на опозицијата, поткупување и контрола на медиумите, за да се шири пропаганда и лажни вести и контрола врз судството, така што нема начин да бидат осудени за повреда на законите. Тоа претставува најголема закана за стабилноста на нашиот регион, рече Курти.
Косовскиот премиер исто така кажа дека треба да се соочиме со минатото, бидејќи не е можно да се оди нанапред ако се игнорира минатото.
– За да се справиме со етничките чистења и крвопролевањата, сето тоа беа погрешни работи доколку не чувствувате вина и одговорност за она што се случило тогаш повторно ќе го направите истото тоа. По Втората светска војна ЕУ беше изградена на темелите на прифаќање одговорности, и соочување со минатото. Ние на Западниот Балкан треба да го следиме тој пример, рече Курти на Самитот на „Економист“.
Вицепремиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ се согласи со Курти дека корупцијата и организираниот криминал се генераторот на голем број негативности во регионот и доколку не се бориме против негативните фактори во регионот и нашите земји не можеме да имаме институции кои се професионални, независни и кои може да обезбедат подобри животни услови за луѓето. Потребно е вели и да се надминат проблемите во регионот, да се направат границите невидливи, како во ЕУ за да им овозможиме на луѓето да бидат помобилни, да им го олесниме пристапот. Според него, улогата на ЕУ е да дава голем број препораки, од друга страна, вели, има и други супер сили кои имаат конкретно влијание кое е во форма на инвестиции.
– ЕУ конечно треба да разбере дека начинот на кој треба да се изградат посилни партнерства и инвестиции во Западниот Балкан е да се забрзаат и да се зголеми бројот на инвестиции во регионот, и особено во инфраструктурата за да се овозможи таа мобилност за сите луѓе. Ќе биде многу добро конечно да постигнеме вистинско помирување на луѓето од Западниот Балкан. Се разбира дека имаме проблеми, па избори, па нов период по изборите, има проблеми меѓу Косово и Србија, Црна Гора и Србија, С. Македонија и Бугарија, во самата БиХ исто така имам проблеми. На крајот на краиштата треба да разбереме дека понекогаш нашата реторика не е компатибилна со нашите постапки. Ако навистина сметаме дека треба да ги прифатиме европските вредности и сакаме да бидеме дел од запаната цивилизација и сакаме да се приклучиме кон ЕУ треба да се придвижиме напред во однос на нашето однесување и постапки и да бидеме компатибилни со тие вредности, рече Абазовиќ.
Тој смета дека не треба да гледаме само непријатели на нашите граници, туку пријателство, луѓе со заеднички проблеми кои во голем број случаи се и идентични проблеми како корупцијата, непостоење правда, организиран криминал и треба да се помогнат за над и иако ситуацијата во регионот не е многу оптимистична, тој е оптимист дека земјите од регионот имаат потенцијал кој можат да го искористат на вистински начин со испраќање позитивни пораки преку јакнење на демократијата и институциите.