Само што го прејде прагот надвор од затворот Идризово со помилувањето од претседателката, МВР го уапси водачот на скопскиот клан Барон, Акиф Равмановски познат како Акиф Јусуфи кој досега издржуваше казна за поседување нелегално оружје. Сега е осомничен за ново дело- за пукањето кое се случи пред десетина дена во скопски Чаир кога едно лице, припадник на кланот Грчец беше тешко рането.
Од јавното обвинителство информираат дека е отворена истрага и за осомничениот ќе бараат да биде определен притвор.
„За истото лице е поведена истрага за ново кривично дело – Убиство од член 123 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик. Вештачењата за присуство на барутни честички кои беа извршени по наредба на јавниот обвинител ги потврдија првичните сознанија дека сега осомничениот со пиштол испукал неколку истрели во правец на оштетениот со умисла да го лиши од живот и му нанел прострелна рана во пределот на ногата. “