Кога еден човек со своите деца се соочува со ризик од смрт или прогон, не постојат ѕидови или пандемии што можат да го одвратат од обидот да најде безбедност. Пандемијата не го сопре движењето, а не го сопреа ниту ограничувањата. Бегалците и барателите на азил можат да дадат придонес кон одржливиот развој на земјата, доколку постои солидарност и системот го дозволува тоа. Тие се луѓе како вас и мене, посочува во интервју за МИА претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР, Моника Сандри.
Таа во интервјуто по повод Светскиот ден на бегалците, посочува дека постои зголемен број на лица кои се принудени да ги напуштат своите домови.
– Постои зголемување од 4 проценти на бројот на луѓе кои се принудени да ги напуштат своите домови, со што вкупниот број е зголемен од 79,5 милиони на крајот на 2019 година и на 82,4 милиони луѓе на крајот на 2020 година, вели претставничката на УНХЦР.
Податоците укажуваат дека и покрај пандемијата, движењето во светот не запре.
Според Моника Сандри, движењето не запре бидејќи во светот не престанаа војните, конфликтите, прогоните и прекршувањата на човековите права.
Таа информира дека лани во Македонија имало 211 апликации за азил, додека пак бројот за оваа година досега – до крајот на мај е 25.
Во време на пандемија, посочува претставничката на УНХЦР, во Македонија, властите брзо воспоставија мерки како медицински тестови, привремен карантин по пристигнување и интервјуа на далечина и како резултат на тоа, луѓето на кои им беше потребна заштита можеа да поднесат барање за азил.
– За да се овозможи инклузија на бегалците, УНХЦР ја поддржува државата во подобрувањето на квалитетот на азилот, градење на систем за влез заснован на начелото на заштита, искоренување на бездржавјанството, подобрување на законската рамка и нејзиното спроведување, како и зајакнување на подготвеноста и одговор со цел да се спречат кризи, вели Сандри за МИА.
Во моментов има 22 баратели на азил сместени во Центарот за баратели на азил во Визбегово. Центарот, како што посочува претставничката на УНХЦР, ги нуди сите услуги на кои барателите на азил имаат право, а услугите ги обезбедува персонал кој има долгогодишно искуство во работа со бегалци.
– Во Центарот за баратели на азил Визбегово има медицински тим за примарна здравствена заштита. Доколку има потреба, лекарот ги упатува барателите на азил во секундарни здравствени установи. Истото важи и за Прифатниот транзитен центар „Винојуг“; таму, бегалците на кои им е потребна лекарска помош се упатуваат во гевгелиската болница. Во овие центри, со средства од Европската Унија, обезбедивме речиси 15 тони средства за дезинфекција, автоматски апарати за дезинфекција на раце, заштитни бариери од плексиглас, прехранбени производи, мебел, обувки, постелнина и прекривки, санитарни порти за лица, санитарен тунел за возила и дополнителни контејнери за лица со специфични потреби, додава Сандри.
Балканската мигрантска рута беше официјално затворена според договорот меѓу Брисел и Турција во 2016 година. Но, во реалноста, движењето никогаш не запре. Каква е состојбата сега во регионот и државата во однос на бегалците, особено ако се земе в предвид состојбата со пандемијата и затворените граници?
Движењето не запре бидејќи во светот не престанаа војните, конфликтите, прогоните и прекршувањата на човековите права. Според извештајот на УНХЦР, наречен „Глобални трендови 2020“, постои зголемување од 4 проценти на бројот на луѓе кои се принудени да ги напуштат своите домови, со што вкупниот број е зголемен од 79,5 милиони на крајот на 2019 година и на 82,4 милиони луѓе на крајот на 2020 година.
Кога еден човек со своите деца се соочува со ризик од смрт или прогон, не постојат ѕидови или пандемии што можат да го одвратат од обидот да најде безбедност. Пандемијата не го сопре движењето, а не го сопреа ниту ограничувањата, вклучувајќи ги и 99-те држави кои ги затворија своите граници, дури и за луѓето кои бараат азил.
Во С. Македонија, властите брзо воспоставија мерки како медицински тестови, привремен карантин по пристигнување и интервјуа на далечина и како резултат на тоа, луѓето на кои им беше потребна заштита можеа да поднесат барање за азил.
Колку барања за азил има во државата од почетокот на ковид-кризата?
Во текот на целата мината година имаше 211 апликации за азил, додека пак бројот за оваа година досега – до крајот на мај е 25.
Колку се одобрени, а колку одбиени?
Во текот на 2020 година имаше две позитивни одлуки за заштита, додека годинава сè уште не се донесени позитивни одлуки.
Од кои земји потекнуваат барателите на азил?
На глобално ниво, 68 проценти од сите луѓе кои избегале во други земји потекнуваат од само пет држави: Сирија – 6,7 милиони, Венецуела – 4,0 милиони, Авганистан – 2,6 милиони, Јужен Судан – 2,2 милиони и Мјанмар – 1,1 милиони. Ова значи дека доколку запрат прогонот, прекршувањето на човековите права и војната во само пет земји, драматично ќе се намали бројот на раселени лица во светот.
Може ли да ми наброите дел од вашите активности предвидени за во текот на оваа година, во поглед на самата инклузија на бегалците во нашето општество?
Прво, ние сакаме да им покажеме на луѓето овде дека бегалците и барателите на азил можат да дадат придонес кон одржливиот развој на земјата доколку постои солидарност и системот го дозволува тоа. Бегалците се луѓе како вас и мене – тие претходно имале работни места, имаат образование, вештини и таленти коишто можат да бидат од корист за секое општество.
За да се овозможи инклузија на бегалците, УНХЦР ја поддржува државата во подобрувањето на квалитетот на азилот, градење на систем за влез заснован на начелото на заштита, искоренување на бездржавјанството, подобрување на законската рамка и нејзиното спроведување, како и зајакнување на подготвеноста и одговор со цел да се спречат кризи.
УНХЦР во соработка со Министерството за труд и социјална политика креираше платформа за изучување на македонскиот јазик за бегалците. Може ли да ми кажете нешто повеќе околу оваа платформа?
Точно е дека развивме дигитална платформа за изучување на македонскиот јазик, во координација со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје и Министерството за труд и социјална политика. Платформата, развиена со средства од Европската Унија, сега е целосно функционална и тукушто почнуваме да ја промовираме. Таа е прва од ваков вид и нуди бесплатна онлајн јазична настава за барателите на азил и бегалците за да се олесни нивната инклузија. Со оваа платформа ќе управува Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и ќе може да биде достапна и за други странци кои сакаат да учат македонски јазик.
Во локалното училиште во Скопје има и деца бегалци кои следат настава. Како се одвива наставата за овие деца?
Трите деца бегалци кои се во основно училиште добиваат образование преку интернет, исто како и нивните соученици. На почетокот на пандемијата со КОВИД-19, им пристапивме на Центарот за баратели на азил во Визбегово и на локалното основно училиште, и со средства од Соединетите Американски Држави и поддршката од нашиот партнер, Црвениот крст на град Скопје, обезбедивме таблети за децата да можат да бидат во контакт со наставничката и другарчињата и да продолжат да посетуваат настава и да пишуваат домашни задачи. Исто така, на наставничката ѝ обезбедивме лаптоп за да остане во контакт со сите свои ученици, вклучувајќи ги и децата од соседството со кои одат на училиште децата бегалци.
Во државата постои Прифатен центар за баратели на азил во Скопје, кој има капацитет за сместување до 150 лица. Какви се условите за живот во овој центар и колку лица има во моментов?
Во моментов има 22 баратели на азил сместени во Центарот за баратели на азил во Визбегово. Ние сме во постојан контакт и со барателите на азил и со раководството на Центарот и работиме заедно за да ги задоволиме потребите на лицата сместени таму. Центарот ги нуди сите услуги на кои барателите на азил имаат право, а услугите ги обезбедува персонал кој има долгогодишно искуство во работа со бегалци. Можеби сте ги виделе видеата на социјалните мрежи од нашите работилници за Велигден и Рамазан. Во моментов, се подготвуваме за турнир во пинг-понг по повод Светскиот ден на бегалците.
Од каде доаѓаат овие лица и до каде им се процедурите за добивање азил?
Тука, луѓето што побарале азил доаѓаат од различни земји од различни континенти, вклучувајќи и земји каде има активен конфликт, но исто така и земји каде што нема војна или конфликт, а сепак некои луѓе се прогонувани поради нивната припадност на одредена раса, религија, националност, членство во одредена социјална група или политичко мислење. Постапките за азил се водат на индивидуално ниво, така што секоја од нив е во различна фаза.
Според нашите закони, девет месеци по поднесеното барање за азил, лицето има можност да работи. Колку лица досега го оствариле ова право?
За жал, поради административни пречки, ова е едно од правата кои барателите на азил сè уште не можат да ги остварат. Овозможувањето на барателите на азил да работат не само што ќе ги подобри нивното ментално здравје и нивната лична (семејна) ситуација, туку исто така ќе овозможи тие да придонесат за развојот на заедницата. Одржливиот развој може да се постигне само ако никој не е изоставен.
На кој начин бегалците добиваат здравствена заштита во државата, особено сега за време на пандемијата?
Во Центарот за баратели на азил Визбегово има медицински тим за примарна здравствена заштита. Доколку има потреба, лекарот ги упатува барателите на азил во секундарни здравствени установи. Истото важи и за Прифатниот транзитен центар „Винојуг“; таму, бегалците на кои им е потребна лекарска помош се упатуваат во гевгелиската болница. Во овие центри, со средства од Европската Унија, обезбедивме речиси 15 тони средства за дезинфекција, автоматски апарати за дезинфекција на раце, заштитни бариери од плексиглас, прехранбени производи, мебел, обувки, постелнина и прекривки, санитарни порти за лица, санитарен тунел за возила и дополнителни контејнери за лица со специфични потреби.
Дополнително, минатиот декември, со поддршка од Соединетите Американски Држави, УНХЦР донираше значителни количини потребни материјали на гевгелиската болница, вклучувајќи постелнина, перници, прекривки, автоматски апарати за дезинфекција на раце, бариери од плексиглас, компјутери и др.
Ние многу добро знаеме дека никој не е безбеден сè додека сите не бидат безбедни и дека КОВИД-19 не одбира, така што, мораме да работиме сите заедно за да спасиме животи.
Бисера Трајковска
Фото: Дарко Попов