Саниран е дефектот на главната водоводна линија во Штип, кој предизвика од вчера дел од населбите да немаат вода за пиење.
Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски на прес-конференција изјави дека дефектот се случил на најнискиот потег од Филтер станица до препумпната станица во населба Баби.
-Со самото тоа што се наоѓаме на најниската кота, ни претставува дополнителен проблем исцедувањето на водата, која што минува низ главната водоводна линија фи 500 и целата таа вода се исцеди и се исталожи токму на ова место каде што е нашиот зафат. Дополнително отежнати околности ни предизвика обрушувањето на земјата, високо напонските кабли, обрушен бетонски столб за електрична енергија кој што во еден момент ја доведоа во прашање и безбедноста на нашите вработени. Можам да кажам дека дефектот е саниран, водоснабдувањето полека во текот на денот ќе се нормализира на деловите и населбите каде што беше нарушено, изјави Арсовски.
Тој истакна дека сите овие зафати јавното претпријатие „Исар“ ги прави во контекст на подобрување на водоснабдувањето.
-Би сакал оваа прилика да ја искористам и да споменам дека во моментот се градат три резервоари за питка вода за пиење, кои што во голема мера ќе го зголемат резервниот капацитет на питка вода што треба да го поседува градот и при секој ваков посериозен зафат на главна водоводна линија и деловите кои што во моментот не се напојуваат преку резервоари за вода, ќе имаат резерва вода за повеќе од 12 часа, за да можат граѓаните да не ги почувствуваат овие сопирања на водата, рече Арсовски.
Тој додаде дека Скада системот во моментот е на тест период и како што рече „на мое огромно задоволство покажува 20% на заштеда на нефакурираната вода за пиење, односно водата за пиење која што се губи низ мрежата“. (МИА)




