Бугарија минатата година прогласила за персона нон грата (непожелни личности) 84 вработени во руски официјални претставништва во земјата.

Претседателот на Државната агенција за национална безбедност, Пламен Тончев, во интервјуто за БТА посочува дека во моментов нема непосреден безбедносен ризик за граѓаните во Бугарија. Сепак, тој укажува на можноста од интензивирање на протокот мигранти низ земјата, како и економски потешкотии предизвикани од раст на цените и нарушување на синџирите на снабдување.

– Војната во Украина ги одразува амбициите на Руската Федерација да интервенира во светскиот поредок и да се спротивстави на САД и Западот. Настаните во изминатата година ги ставија на дневен ред темите за глобалната безбедност на храната и потребата за надминување на енергетската зависност на Европската унија (ЕУ) од Русија, вели Тончев.

Тој уште ја нагласува и потребата од засилена заштита од поизразените, растечки закани во областа на информатичката технологија и кибер-безбедноста.