Со прифаќањето на францускиот предлог се овозможува веднаш да се започне процесот на пристапните преговори на С. Македонија кон ЕУ без понатамошни одолговлекувања и без можност за блокади. Германија е на страната на С. Македонија и ќе се залага европската перспектива на Западен Балкан активно да заживее, посочи германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин кој денеска е во официјална посета на нашата земја.
Тој на денешната прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека вратата кон пристапување на Македонија во ЕУ со овој договор е широко отворена. За да се влезе низ оваа врата, како што рече, не е лесно, но тоа е одлука на нашата политика и на нашата земја.
-Знам дека ова е тежок момент за вас сега и за луѓето, но истовремено е и момент кој носи одредена надеж во себе. Верувам во македонската политика и во луѓето и оти сите заедно ќе продолжиме на патот кон ЕУ. Нападот на Руската Федерација врз Украина покажува колку е важно заеднички да се решаваат проблемите, да се организираме, но и ни покажува дека ништо повеќе не нуди толкава сигурност како да се биде во европските организации, преку европските договори, додаде Сарацин.
Тој напомена дека се залага за проширување и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ и затоа како што рече, имаме поддршка побрзо да напредуваме.
-За мене лично е многу важно овој процес со С. Македонија да се случи, бидејќи е во интерес и на вашата земја и на ЕУ, додаде германскиот специјален претставник за Западен Балкан.
Според Сарацин, овој договор е добар бидејќи се земени в предвид барањата на Владата на Македонија и истиот предвидува процесот на пристапните преговори да започне веднаш без одолговлекување.
Посочи оти разбира дека има и критики за предлогот, дека постои грижа за сопствениот национален идентитет при што потенцираше дека за Германија е многу јасен, но како што рече, со овој предлог нашиот идентитет е сочуван.
–С. Македонија може конечно да ги започне пристапните преговори, за кои се залагаше 17 години и тоа од страна на најразлични партии и политичари. Но, сега е дојден моментот. Сега треба да го направите следниот чекор. Целата Сојузна влада и јас лично се залагаме за европската перспектива на Западен Балкан активно да заживее и мислам дека во следните денови С. Македонија би можела да даде значаен придонес. Германија притоа ќе биде на страната на С. Македонија. Им ја нудиме поддршката на сите политички сили и сакаме заедно со вас многу побрзо да ја достигнеме целта, додаде Сарацин.
Тој додаде дека овој договор треба да се прифати сега, бидејќи смета дека можеби повторно нема да добиеме можност за некој нов договор кој ќе е подобар од овој.
-Разбирам дека има недоверба кон бугарската позиција. Во Софија слушнав дека има доверба кон позицијата во Скопје. Јас не можам да ветам каков ќе биде исходот од изборите во Бугарија, но едно е јасно, а тоа е дека се што може да се реши сега, треба да се реши, бидејќи треба да се обезбедите за поопасни времиња. Не сум убеден дека чекање сега е паметно. Германија и ЕУ ќе направат се за да гарантираат дека патот на С. Македонија во ЕУ ќе биде отворен, посочи Сарацин