Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни годинава изнесува 31.869 денари и во однос на јуни лани е зголемена за 10,9 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, 23,1 процент, Уметност, забава и рекреација (17,5 проценти) и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (16 проценти).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, има во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (6 проценти), Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (5,7 проценти) и Рударство и вадење на камен (4,3 проценти).

Според ДЗС, во јуни годинава просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен изнесувала 47.634 денари.

– Владините мерки даваат позитивни резултати во континуирано зголемување на просечната месечна нето-плата. Според последните податоци на ДЗС, во јуни годинава просечната нето-плата по вработен достигна 31.869 денари, што е за 3.125 денари повеќе од лани истиот месец. Податоците од ДЗС покажуваат дека зголемувањето на просечната месечна нето-плата за 10,9 отсто во јуни годинава, се должи пред се на растот на платите во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна каде што е регистриран раст на нето-платата од 23,1%, Уметност, забава и рекреација со 17,5% раст на просечната нето-плата и во секторот Трговија на големо и трговија на мало растот на просечната месечна нето-плата е 16%. Ваквиот тренд на континуирано зголемување на просечната нето плата во земјата е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата која изнесува 18.000 денари. Владата продолжува со креирање на мерки и на амбиент за повисоки стапки на економски раст и раст на приходите на сите граѓани, со цел да се унапреди животниот стандард на граѓаните особено во услови на криза, соопшти и Владата.

Но, тука не е крајот на приказната за македонската сарма. Со оглед на тоа што во овој период цените на некои производи скокнаа многу пати повеќе отколку просечната плата од 10,9 отсто, торбата на македонскиот потрошувач останува попразна со поголема плата отколку со помалата претходно кога цените не беа повеќекратн повисоки.

Така, зголемената просечна плата останува само за да се фалат политичарите дека ја дигнале нагоре.