Светиот архиерејски Синод на МПЦ Охридска епископија на денешната прес-конференција упати апел за учество на сенародниот собор што ќе се одржи в четврток во знак на протест поради игнорантскиот однос на власта кон нивното барање за повлекување од собраниска процедура на Законот за измени во матична евиденција и Предлог законот за родова еднаквост којшто се подготвува да влезе во процедура.
-И покрај сериозното спротивставување и сосема аргументираните забелешки за содржината на двата закони како црква имаме впечаток дека се инсистира да се продолжи постапката и законите да станат официјални, формални законски решенија во нашето општество со целокупната нивна содржина, изјави епископот Јаков Стобиски.
Тој потенцира дека овој собир што го организира МПЦ не е насочен против никого, туку е насочен исклучиво против содржината на овие предлог закони.
-Ние образложивме во повеќе наврати и во самото соопштение, експлицитно изразуваме протест против новиот контекст што му се дава на поимот род, против родовата компонента која што е застапена во Предлог законот за родова еднаквост и се користи, се злоупотребува на уште поексплицитен начин во Предлог законот за матична евиденција, којшто предвидува промена на ознака за пол при изјава која што би се базира на субјективни индивидуални чувства на поединецот. Ја користам оваа можност да го повикаме допопнително народот за присуство заради тоа што овој протестен рефлекс што црквата го пројавува, сосема погрешно се интерпретира во јавноста, анализирајќи се и перцепцирајќи ја црквата единствено како институција. Црквата е многу повеќе, црквата е жив организам составен од конкретни луѓе, од заедница која што има вредносен систем кој е апсолутен контрас, апсолутно спротивен на она што ни го нудат и што се закануваат да го донесат овие два предлог закони во нашето општество, но и во црквата, вели епископот.
Тој го повтори ставот на црквата дека овие закони сериозно ќе го загрозат правото на вероисповест, заради тоа што не само што ќе се редефинира целокупното општество туку, нагласува, ќе се ограничи слободата на говор со оној член којшто се однесува на родова сензитивниот јазик.
Епископот Јаков Стобиски, воедно потенцира дека како црква се оградуваат однапред од каква било злоупотреба во некакви свои цели на овој собир, на овој протест, бидејќи, вели, тој е насочен исклучиво против содржината на овие закони.
-Не поддржуваме никаков говор на омраза, и никакво скандирање и повикуваме на мирни протести. Едноставно да кажеме „не“. Нашиот собир присуството на тој собир би значело дека не се согласуваме со вакви предлог законски решенија во таква форма, вели епископот.
На новинарско прашање тој изјави дека црквата веќе учествува во јавната дебата за посочените закони и ќе продолжи да учествува, а има и свои предлози.
-Црквата е и мора да остане своевиден коректив на совеста на општеството. И токму заради тоа се бориме. Никој нема право да ни го забрани тоа. Што се однесува до одлуката на Извршниот одбор на СДСМ, е за поздравување иако тоа е партиска одлука. Сега се на потег сите механизми на Владата и да видиме Владата како ќе се произнесе, вели епископот Јаков Стобиски.
Тој појасни дека МПЦ не е против остварувањето на нечии права туку сметаат дека она што е спорно во овие закони е дека тие може ќе придонесат за поголемо остварување на нечии права, на поединци или на групи, но тоа, вели, сериозно би ги загрозило правата на мнозинството, на 99 проценти од населението во државава.
-Тоа е диктатура на сметка на остварување на нечии права да се остваруваат права, нема да речам на малциска група, затоа што во очите на Бог само една човечка душа има вредност колку сиот свет, рече епископот Јаков.
Појаснувајќи ги заблешеките на двата закона, тој кажа дека „сме изманипулирани, излажани заради тоа што родот како атрибут на полот, како социјален конструкт на полот не го одвојуваме од полот, и аналогно на тоа ако има два пола има два рода“.
-Овие закони ни носат еден конструкт чудовишна можност, отвораат една пандорина кутија секој ден да излегуваат разно разни родови и секој да биде што ќе посака. Знаете тоа е нешто на што не сме навикнати, не го сакаме и не го прифаќаме. Во демократско општество, процесот на градење на законите, мора да зрее и да се обликува паралелно со менталниот склоп и со потребата, но и со подготвеноста на еден народ, на една заедница да ги прифати промените. Тука чувствуваме дека сериозно се врши насилство врз нас, на волјата на народот. И да не се обидува никој овој импут, овој коректив, овој рефлекс бунтовен што црквата го испраќа во општеството, да се спинува, и да се става во некаков поинаков контекст. Импулсот на црквата, рефлексот на црквата е рефлекс на 99 проценти од овој народ. Не само верните чеда на МПЦ, ние се знаеме меѓусебно, туку и на браќата муслимани протестанти, Евреи и на другите верски заедници, на другите етникуми коишто живеат овде. Ние сме мала земја се знаеме. Знаеме дека ова не е наша реалности не сакаме да биде. Тоа е целта на протестот, порачува епископот Јаков.
Очекува собирот да биде поддржан од сите верски заедници во земјава.
-Тука сме едногласни во духот на соопштението коешто е доставен до сите медиуми. Поддршката од останатите верски заедници е апсолутна и се надеваме на нивното присуство, вели претставникот на МПЦ.