Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина вчера ја усвои Одлуката за барањето за доделување кандидатски статус на БиХ во ЕУ по забрзана постапка. На истата седница делегатите одбија да го прифатат предлогот на Законот за спречување судир на интереси, како и да ја усогласат државната реакција на БиХ со онаа на ЕУ по однос конфликтот во Украина.
Таквите одлуки се оценети како големо разочарување кај меѓуародната заедница. Шефот на делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина, Јохан Сатлер, на Твитер денеска истакна дека тоа бил разочарувачки ден во Парламентот на БиХ.
– Се бара статус на кандидат додека се отфрлаат клучните правни реформи за владеењето на правото, рече Сатлер.
Истовремено тој се повика и на усвоените амандмани, за кои проценува дека создаваат дополнителна конфузија во Законот за забрана на пушење на јавни места во БиХ.
– Непочитување на мерките на ЕУ против Русија и непрецизна забрана за пушење што не може да се примени. Уште еден ден на пропуштени можности стои во пораката на шефот на делегацијата на ЕУ во Сараево.