Со поврзување на електричните мрежи, можеме на Грција и Југоисточна Европа, преку Грција да им обезбедиме многу поевтина енергија од обновливи извори, рече престолонаследникот на Саудиска Арабија, принцот Салман бин Абдулазиз Ал Сауд на вчерашната средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Додаде дека заинтересираност постои и за водородот, односно Грција да биде центар за пренос на водород за Европа, а станало збор и за поврзување на телекомуникациската мрежа.
– Овие три се важни прашања кои ќе ја променат позицијата на Грција и Саудиска Арабија и ќе ја поддржат Европа, особено јужна и западна Европа, со многу поевтина и ефикасна енергија од обновливи извори, порача престолонаследникот.
По тет-а-тет средбата на грчкиот премиер и престолонаследникот на Саудиска Арабија, следеа разговори на двете делегации и потпишување на низа билатералните договори во повеќе области како што се енергетиката, здравството, воената соработка, билатерални инвестиции, научна и технолошка соработка, борбата против криминалот, културата и спортот, техничката соработка во областа на стандардизација и квалитет, соработка во архивирање и управување со датотеки, како и формирање Висок совет за стратешка соработка.
Од кабинетот на грчкиот премиер информираат дека средбата на Мицотакис со престолонаследникот поминала во позитивна клима, а со потпишувањето на договорот за формирање Висок совет за стратешка соработка меѓу двете земји се зајакнуваат стратешките односи на двете земји и систематското унапредување на билатералната соработка во сите области на взаемен интерес.
Мицотакис на средбата ја истакнал важноста на проектот „East to Med data Corridor“, односно подводниот и копнен кабелски систем за пренос на податоци што ќе ги поврзе Европа и Азија преку Грција и Саудиска Арабија, а ги презентирал и иницијативите на грчката Влада за земјата да стане енергетски хаб во поширокиот регион.
Во рамките на првата официјална посета на Грција на престолонаследникот на Саудиска Арабија принцот Салман бин Абдулазиз Ал Сауд, бизнис делегации, предводени од министри од двете земји, денеска ќе потпишат 12 договори во различни области.