Воени профитери, коментира економистот Здравко Савески, поранешен член на Левица, учесник во тн. шарена револуција во перидот кога со бившиот премиер Зоран Заев го уриваа „режимот на Груевски“.
– Цената на пченицата сега е пониска одошто кој било друг период во последната година! Воени прифитери! Секое претпријатие чиј сопственик учествува во бојкотот и го изгладнува народот заради профит да се стави под принудна управа на државата, објави Савески на Фејсбук.
Коментарот се однесува на актуелниот судир на власта и компаниите кои произведуваат леб, кои денеска поради револт кон замрзнувањето на цената го прекинаа производството и оставија многу маркети и потрошувачите без леб.
– И ќе додадам: Ако навистина за мелничарските капиталисти замрзнувањето на цените значи работење под нивото на рентабилност, а не под нивото на екстрапрофити, нека самите побараат принудна управа од државата додека трае кризата. Се’ останато, како намалување на производството за да се задржи нивото на екстрапрофити, ќе значи атак врз јавниот интерес и државата мора да преземе чекори во кризна ситуација. А тие чекори не можат да исклучат ниту принудна управа ниту национализација. Не може бре шака капиталисти да го прават будала цел народ со месеци!- објави претходно Савески на својот профил на Фејсбук.
(Д. Г.)