Барам објаснување од денешниот сведок во случајот „Рекет“ обвинителката Лиле Стефанова да каже дали видела мој допис, потпис или прави претстава во празно, изјави Наташа Савова за Фактор по тврдењата на обвинителката дека преку Сашо Мијалков ургирала Орце Камчев да биде пуштен од притвор.
Стефанова денеска во судницата рече дека еднаш кога Камчев бил донесен од притвор кај неа во СЈО 1 дал писмо. Во него наводно од Савова ѝ било препорачано да разговара со Сашо Мијалков за ослободување на Камчев од истрагата за „Империја“.
Савова вели дека станува збор за истата обвинителка која, како што вели, има докажана репутација на отворање и водење монтирани процеси за политички притисок, а во последниов случај, како што вели се гледа и рекет.
„Дали е оваа истата обвинителка за која се поднесени кривични пријави за сомневања за барање поткуп во наведениов случај? Единствено што е сигурно, од денешното појавување на обвинителката е дека најверојатно поради, како што и самата денес изјавува – колегијалност помеѓу фелата треба да е среќна што седи на клупата на сведоци, а не на обвинети, вели Савова.
Савова се сомнева дека Лиле Стефанова има некој негативен став кон неа уште поодамна. Стефанова беше обвинителка на случајот Надеж кој беше поврзан со поранешниот претседател Бранко Црвенковски за тендерот за организирање на Самитот на претседателите од Југоисточна Европа, одржан на 2. и 3. мај 2008 година во Охрид. Совет за јавни обвинители го отфрли обвинението за Надеж со 13 гласа против.