ВМРО-ДПМНЕ може да учи како се работи транспарентно, одговорно и како се слуша гласот на граѓаните, гласи одговорот од СДСМ на прашањата со бројки и факти кои најголемата опозициска партија ги покрена за тендерот за скапи луксузни возила од Владата предводена од СДСМ.
– Реални економски показатели ги побиваат лажните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ партијата којашто преку расипничкото и криминално владеење нанесе огромни штети врз македонската економија. Рекордните 235 милиони странски инвестиции само во првиот квартал од годинава, растот на просечната плата на над 24.000 денари, порастот на извозот и растот на индустриското производство се само дел од низата економски показатели кои ја докажуваат успешноста на економските политики на Владата предводена од СДСМ, се вели во партиското соопштение на СДСМ.
Натаму, владејачката партија, како одговор на актуелните прашања одговара дека „не постои поголемо крадење од она што ВМРО-ДПМНЕ континуирано го правеше 11 години“.
– По години назадување, економијата денес се стабилизира и тргнува во добар правец, а граѓаните ги чувствуваат придобивките од успешната работа на Владата предводена од СДСМ, којашто продолжува да ги спроведува мерките што обезбедуваат економски раст, нови работни места и повисок животен стандард за сите граѓани, гласи одговорот на Центар за комуникации со јавноста на СДСМ.
Но, нема одговор на конкретните прашања за набавка на скапи луксузни возила преку фирма блиска на СДСМ.