Економските мерки што ги спроведува Владата предводена од СДСМ за побрзо и полесно надминување на економските последици од коронавирусот, се добро оценети и од страна на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), соопшти СДСМ.
Големиот пакет економски мерки на државата, кој обезбедува конкретна и навремена помош за над 35.000 компании и спасува 250.000 работни места веќе се реализира. Поддршката што има за цел поефикасно справување со последиците врз економијата предизвикани од глобалната пандемија од коронавирусот, од 176 милиони евра е двојно поголема од првично предвидените. Сите фирми погодени од кризата, поточно секој работник од државата добива по 14.500 денари, плата за април и мај. Преку развојната банка веќе се реализираат бескаматните кредити наменети за фирмите погодени од кризата. Досега, се одобрени кредити со 0 отсто камата за 136 компании со над 1.700 вработени. Поради големата заинтересираност, покрај првичните 5,7 милиони евра, Развојната банка стави на располагање дополнителни 8 милиони евра за бескаматни кредити за компаниите. Продолжуваме со реализација на економски мерки и политики за зачувување на работните места и сигурни приходи за сите вработени се до надминување на кризата од коронавирусот. За нас е важно секое работно место, секој работник и секоја компанија, се вели во соопштението од СДСМ.