Владата на РС Македонија предводена од СДСМ со пакетот економски мерки директно им помага на работниците, занаетчиите, на малите и средните претпријатија да го пребродат најтешкиот период , кога трпат загуби поради здравствената криза, соопшти денеска СДСМ
– Како одговорна партија, СДСМ е посветена на мерки и политики што обезбедуваат брзо закрепнување на економијата соочена со последиците од коронавирусот. Се реализира и вториот пакет на економски мерки кој вклучува 14.500 денари месечно по вработен, помош за спортисти од 14.500 денари, помош за уметници и паричен надоместок за граѓаните што останале без работа поради кризата. Државата се грижи и за лицата кои биле дел од неформалната економија и останале без приходи, и за нив е обезбеден месечен надоместок. Во меѓувреме, се запира и законот за извршување до крајот на јуни, а плаќањето на ратите на кредитите е одложено за шест месеци. Со цел да помогнеме во надминување на последицит еод кризата, Владата донесе и Уредба со која се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година, се вели во соопштението.
Натаму во истото се додава:
– Обезбедено е и ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за месеците март, април и мај 2020 година, за правните лица кои вршат угостителска дејност, дејност на туризам или транспорт и други компании кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за справување со КОВИД–19. Ова се само мал дел од мерките кои имаат за цел помош на домашните претпријатија, помош за секое работно место. Се подготвува и нов пакет на суштински мерки и политики кои ќе обезбедат дополнителна помош за домашната економија. Со нашето одговорно и домаќинско работење, создаваме реални можности за брзо надминување на оваа криза, со што помали последици врз стопанството, се вели во соопштението од Центарот за комуникации со јавност на СДСМ.