Преспанскиот договор е вброен меѓу најголемите светски дипломатски достигнувања, а за нас е потврда за македонскиот идентитет, јазик и култура, соопшти денеска СДСМ.

– Пред две години,  Владата предводена од СДСМ и Зоран Заев презеде одговорност и напиша нова историја. 17 јуни 2018 година ќе остане врежан датум кога се реши тридецениското отворено прашање кое ја загрозуваше иднината на нашата држава. Се постигна договор со нашиот сосед  Грција, се потпиша  Договорот од Преспа. Овој договор значеше не само отворање на земјата кон светот, влез во членството во НАТО и Европската унија, туку значеше и зачувување и гаранција на нашиот македонски идентитет, македонскиот јазик и култура. Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишаа во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе не го оспорува тоа. А во знак на поддршка  заради  сите иницијативи кои доаѓаат од Преспа, од тромеѓето на народи кои се почитуваат, се роди идеја токму во Љубојно да се отвори Центар за промоција на македонскиот јазик во просторите на старото училиште. Затоа што македонскиот јазик е нашето минато, нашата сегашност и нашата иднина. Избравме иднина, наместо неизвесна и бесмислена изолација во која не втурна бесмислената политика на режимското владеење. Преспанскиот Договор е вброен како едно од најголемите дипломатски постигнувања во целиот свет, а најголемите светски лидери ни оддадоа признание за консолидацијата на Балканот и за нашиот придонес за стабилноста и развојот на нашиот регион. Покажавме дипломатска доблест, храброст, достоинство и политички став. Тоа се вредности на современата политика. Тоа се вредности на НАТО и ЕУ, и тоа беа последните чекори до полноправното членство во НАТО, и до рамката за преговори за членство во ЕУ. Избравме самостојност, мир и стабилност. Избравме да бидеме дел од демократскиот свет за да создадеме можности за подобар живот за нашите деца. Како резултат на тоа, денес имаме горди граѓани и држава која е на вистинскиот пат. Сега треба да го направиме следниот исправен чекор. Да организираме избори, да избереме Парламент и Влада кои ќе го задржат исправниот курс и да ја надминеме корона кризата.  И во време на здравствена и економска криза, да продолжиме по патот кој обезбедува подобар живот, повисок стандард, посигурни граници и припадност кон семејство од нации ориентирани кон иднината, се вели во соопштението од Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.