За само две години, преку мерките на Владата предводена од СДСМ се враќа достоинството на земјоделците, расте побарувачката на производите, како на домашниот така и на странскиот пазар, соопшти денеска СДСМ.

– За разлика од црните години за земјоделството кога ВМРО-ДПМНЕ ги потценуваше земјоделците, денес трудот на земјоделците се вреднува и цени, откупните цени на земјоделските производи се зголемени, имаме одржливо и конкурентно земјоделство, се повеќе пари завршуваат кај земјоделците. Откупната цена на краставицата оваа година е зголемена за 145,8 проценти, а ако се спореди со 2013 кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, цената на краставицата е зголемена за 240 проценти. За доматите, откупната цена од минатата година е зголемена за 85,5 отсто, а ако се спореди со 2015 цената на доматите бележи раст за 143 отсто.  Кај лубениците е забележан пораст на откупата цена за 115%, споредбено со јули 2015 година. Оваа година, откупната цена на белото грозје е зголемена на 50 денари, а во 2016 година била 30 денари за килограм, што значи раст  67 отсто, се вели во соопштението.

 Натаму се додава дека „откупната цена на сливите, во јули оваа година е зголемена за 18,8 отсто споредбено со минатата година“. 

– За 31 отсто зголемена е откупната цена на пиперката. Зголемувањето на цените директно влијае на повисока продуктивност за земјоделците, како и повеќе пари назад во нивните домашни буџети. Владата предводена од СДСМ во активна соработка со Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство остануваат целосно фокусирани на подобрување на условите за земјоделците, спроведување на аграрни реформи кои значат помали трошоци и повеќе пари кај секој земјоделец, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на СДСМ.