Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во првите два и пол месеци од мандатот освен што вршат партизација, не сработеа ништо во интерес на граѓаните и општините.
Ова се истакнува во соопштението на владејачкиот СДСМ, кој заедно со коалициониот партнер ДУИ пет години ја партизира цела Македонија, а „партизацијата“ од опозициските градоначалници ги заболе само два и пол месеца по изгубените локални избори. Во продолжение го пренесуваме интегралното соопштение на СДСМ:
Не ги исполнија ветувањата пред граѓаните, нема ниту еден сопствен реализиран проект од нивната програма.
Граѓаните сведочеа само на прекинување на проекти, кршење на закони, трошење народни пари на чоколади и сокови.
Данела Арсовска е прв пример за неработење. Освен што се прогласува за ненадлежна за се, прекинуваше проекти и нивелираше една шахта. Ништо друго не сработи во првите месеци од мандатот.
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски во време на криза потроши 6.000 евра за чоколадни бомбони, сокови и кроасани, наместо да направи нешто за граѓаните.
И тој како Арсовска се прогласи за ненадлежен за се, освен за трошење пари на граѓаните.
Кирил Пецаков ги прекрши законите и протоколите и го загрози здравјето на охриѓани.
Ништо не сработеа ниту градоначалникот на Бутел, ниту на Кисела Вода. Градоначалник на Прилеп не знаеме ниту дали има ниту што работи.
Во секоја општина предводена од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ има назадување и неработа.
Наместо проекти и решенија, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ги игнорираат проблемите и го кочат развојот на општините.
Граѓаните не заслужуваат вакви неспособни и неодговорни градоначалници.
Центар за односи со јавноста на СДСМ