Преговорите на нашата земја со ЕУ мора да почнат пред уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот на РСМ, истакнува во денешното соопштение владејачкиот СДСМ, во врска со францускиот предлог за спорот меѓу Македонија и Бугарија.

Во продолжение целото соопштение што попладнево е испратено од Бихаќска, во кое повторно на удар е опозицијата, а не тие кои водат тајни преговори и кријат документи:

Во изминатиот период целата јавност, сите граѓани, се сведоци на хистерично ширење на невистини поврзани со отворените прашања со соседна Бугарија и т.н. француски предлог, кој се уште не е усогласен на ниво на сите членки на ЕУ и формално не е доставен до нашите институции.

Ова крајно неодговорно однесување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е штетно за државните позиции и нашите националните интереси.

Очигледно Мицкоски жестоко одбработува за туѓи, странски интереси, кои не и мислат добро на нашата земја, диригирани од анти ЕУ и анти НАТО центри на моќ.

Се пласираат невистини за наводна бугаризација, за промена на Македонскиот јазик, за македонскиот идентитет, па дури се споменува и наводна цензура.

Знаеме дека многумина тоа го посакуваат тоа, посакуваат и политичка дестабилизација и држење во неизвесност на цел еден народ, но ништо од тоа нема да се случи.

Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се неколку елементи:

Чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет;

Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка;

Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот;

Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања;

Секое решение ќе биде консултирано со институциите на Република Северна Македонија.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ