Првичните резултати од Аналитичкиот центар на СДСМ за изборите за градоначалник на Брвеница покажуваат дека во споредба со изборите од 2025 година гласовите на ВМРО се намалиле за 13% а гласовите на СДСМ се зголемиле за 46%,се наведува во соопштението на СДСМ, кое МИА го објавува интегрално.

Односно од 3.388 гласа освоени за градоначалник во 2025 година сега кандидатот на ВМРО, Стојанчо Радичевски освил 2.944 гласа. Тоа е пад на поддршката за 13%. Падот на ВМРО е уште поголем, над 20% ако се има предвид дека и ЗНАМ и Левица го поддржаа кандидатот на ВМРО.

СДСМ во 2025 година освои 481 глас за кандидатот за градоначалник а сега, 2026 година, кандидатот на СДСМ, Јовица Радески освои 706 гласа што е зголемување за 46%.

Резултатите во Брвеница го потврдуваат трендот дека поддршката за ВМРО се намалува, а довербата во СДСМ расте.

Инаку, според првичните резултати од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница од обработение податоци од сите 24 избирачки места, најмногу гласови освои кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радически, соопшти синоќа на прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ. Излезноста во првиот круг изнесува 46,56 отсто.

Најмногу гласови освоил Радически, 2.943 гласови, односно 38,90 отсто од гласовите.

На второ место е Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција (НАИ) со 2.152 гласови (28,45 %), а трет е Јакуп Хусеини од коалицијата ВЛЕН со 1.528 гласови (20,20 %).

По нив следуваат Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ со 706 гласови (9,33 %), независниот кандидат Душан Богдановски со 55 гласови (0,73 %) и независната кандидатка Арифе Идризи со 21 глас (0,28 %).