СДСМ денеска повтори дека води сериозни преговори за формирање на влада со полн четиригодишен мандат, која, како што потенцираат, ќе обезбеди прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и имот на секој функционер.
Новата влада, потенцира партијата, посветено ќе се зафати со борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа – без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат.
-Приоритет е прочистување на правосудството, а заедно ќе договориме и ќе воспоставиме систем за проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер.Судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат владеење на правото во кое законот е еднаков за сите. Судиите кои застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам. Ќе биде извршена темелна ревизија на 5 проценти од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор. Следува разрешница на сите предмети отворени од Специјалното јавно обвинителство, наведува СДСМ.
Дополнуваат дека изминатите две и пол години ги создадале сите услови, го донеле Законот за јавно обвинителство, кој гарантира дека политиката не може да се меша во судските одлуки, а сите предмети за висока корупција мора да имаат судска разрешница.
-Во следниот, четиригодишен мандат ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро да работиме во интерес на граѓаните, стои во соопштението.
По конституирањето на Собранието во вторникот, во тек се преговорите за ново парламентарно мнозинство, но засега нема официјална информација за договор, освен дека партиите преговараат. По средата на лидерите на СДСМ и ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети, вчера средба имаа и генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски и организацискиот секретар на ДУИ Артан Груби, кои имале конструктивна дискусија и разговарале за парламентарно мнозинство и за коалиција за полн, четиригодишен, стабилен мандат.Средба со Ахмети имаше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој изјави дека ќе се обиде да обезбеди парламентарно мнозинство од 61 пратеник и да формира влада, но не по секоја цена.