ВМРО-ДПМНЕ не разбира што значи грижа за граѓаните и не може да прифати дека граѓаните конечно ги добиваат своите пари назад. Затоа бараат да се укине мерката која враќа кај граѓаните три милиони евра за три месеци.

Ова се истакнува во денешната реакција на владејачкиот СДСМ во врска со ставот на Трајко Славески за Мој ДДВ.

– Славевски кој со години ги аминуваше криминалните економски политики на Никола Груевски и гласен противник на зголемувањето на минималната плата денес е во неверување што парите им се враќаат на граѓаните. Од партија која со години не мрдна со прст за сивата економија, не може да се очекува ништо друго освен да бидат против мерки за намалување на сивата економија. МојДДВ е успешна мерка, а граѓаните за помалку од 1 месец ќе ги добијат назад 15% од платеното ДДВ. Повеќе од 200.000 граѓани скенираат сметки и бројот се повеќе расте! МојДДВ, не само што ќе ги врати парите кај граѓаните, туку влијае на намалување на сивата економија, се вели во реакцијата.

СДСМ, се додава, со голема грижа ги спроведува и приспособува своите социјални и даночни политики.

– Прогресивниот данок може да даде добри општествени ефекти, но ако даноците ги плаќаат сите и сивата економија се сведе на минимум. Владата предводена од СДСМ е доблесна пред своите граѓани и го слуша нивниот збор. Затоа, одлучи да ја стави стапката од 18% во мирување во следните 36 месеци. Лицата како Славевски кои без збор да кажат, следеле со години како се случува најголемата кражба на народните пари, треба да си го преиспитаат правото да зборуваат што е добро за граѓаните, се вели во соопштението од СДСМ.