Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, во придружба на партискиот шеф на СДСМ, Зоран Заев и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, денеска остварија средба со Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј во седиштето на Цариградската Патријаршија во Истанбул.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, која се оствари како резултат на поканата што Вселенскиот Патријарх ја упати до Заев додека беше премиер, техниничкиот премиер Спасовски на поглаварот на Цариградската патријаршија му го честиташе празникот Христовото раѓање – Божик, со желби за здравје и сила, во мир и спокој да продолжи, како прв меѓу еднаквите во Православната црква, да ги обединува сите сестрински цркви.
-Средбата во седиштето на Цариградската патријаршија се одржа во пријатна атмосфера и во срдечниот разговор беше изразена надеж дека и оваа година Патријархот Вартоломеј, во духот на толеранцијата и разбирањето, ќе продолжи да поттикнува дијалог за изнаоѓање решенија за сите прашања со кои се соочува православниот свет и верниците, се додава во соопштението од владината прес-служба.
Како што соопшти СДСМ, лидерот на партијата Заев на средбата изразил надеж дека Патријархот Вартоломеј и оваа година, во духот на толеранцијата и разбирањето, ќе продолжи да поттикнува дијалог за наоѓање решенија за сите прашања со кои се соочува православниот свет и сите православни верници ширум светот.
Заев на средбата изразил очекување дека взаемната комуникација со Цариградската патријаршија ќе продолжи и во иднина во интерес на сите православни верници во државата.
Премиерот Спасовски и претседателот на СДСМ Заев на средбата упатиле покана Патријархот Вартоломеј, кој ужива голема почит и силна поддршка од сите православни верници во нашата држава да ја посети Македонија и да се сретне со верниците од православна вероисповед.