СДСМ и понатаму се без коментар за скандалот со претседателот на Собранието,Талат Џафери, односно за снимката на која се слуша како вика и пцуе по вработени во законодавниот дом.
Тие се држат до изјавата на нивниот лидер Димитар Ковачевски кој рече дека не се знаело кој е на снимката, односно кој кому се обраќа, објави Вечер.
Иако, претходно од кабинетот на Џафери не демантираа, туку кажаа дека тие кои не ги изгасиле микрофоните имале вина.
– Став во однос на снимката даде премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски и не би имале што дополнително да додадеме сè додека не се потврди автентичноста на истата, велат од СДСМ.
Од опозицијата претходно побараа претседателот на собраниската Комисија за деловнички прашања, пратеникот Панчо Минов веднаш да свика седница поради тешка повреда на Етичкиот кодекс.
Според нив, со навредите и пцовките, кои Џафери наводно ги упатил до вработени во собраниските служби, тој го прекршил членот 14 од Кодексот.
Панчо Минов пак, за ТВ Алсат вели дека би свикал седница и би покренал постапка, но најпрвин требало да добие писмено барање и докази. Тој немаше одговор дали и како може да се докаже автентичноста на снимката.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побараа одговорност од Џафери.
– Талат Џафери го наруши Етичкиот кодекс и за тоа мора да има одговорност! А, СДСМ и Владата молчат само и само заради гола власт! Димитар Ковачевски се прави недоветен иако и Талат Џафери и Собранието ја признаа автентичноста којашто во живо беше пренесена на Собранискиот канал, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, досега ниту Џафери, ниту Собранието се немаат произнесено за снимката. Од Кабинетот на спикерот кусо информираа дека воопшто нема да го коментираат настанот. Оттаму ниту ја потврдија, ниту ја демантираа снимката. Џафери, после објавата, сè уште нема застанато пред медиумите. Денеска бил во работна посета на Германија.