СДСМ почна сериозни, темелни преговори со претседатели и високи претставници на политички партии кои се дел од новиот собраниски состав, за формирање на демократска, политичка, одговорна Влада, која на прво место од својата агенда ќе ја има новата македонска економија, соопшти денеска СДСМ.
Оваа партијата со денови најавува „темелни преговори“, но не соопштува ништо конкретно. Во продолжение денешното „целосно и темелно“ соопштение со истите флоскули:
– Продолжување на растот на платите и обезбедувањето постојана поддршка на домашниот приватен сектор се меѓу главните принципи на новата македонска економија. Тука се вложувањата во младите и во рамномерниот регионален развој и продолжуваме да водиме посебна грижа за најсиромашните граѓани. Јакнењето на економскиот стандард на сите граѓани ќе биде императив на новата Влада. За две и пол години покажавме дека платите и економскиот стандард со СДСМ растат многу побрзо. Во следните 4 години ќе покажеме дека тие ќе растат уште повеќе, за да биде уште подобро. Граѓаните ни ја дадоа довербата, бидејќи знаат дека во наредните четири години ќе работиме уште повеќе и уште подобро, се вели во соопштението од СДСМ – Центарот за комуникации со јавноста.