Придвижувањето на економијата е реално, растот на индустриското производство во 2018 е најголем во последните седум години, соопшти денеска СДСМ.
– Успешните економски политики на Владата предводена од СДСМ продолжуваат да даваат реални резултати. Растот на индустриското производство во 2018 година е највисок во последните седум година. Индустриското производство во 2018 бележи раст од 5,4 отсто. По години уназадување, додека државата се наоѓаше во неизвесност и изолација, денес со придвижувањето во процесот на интеграциите, местото во НАТО, економијата е стабилизирана и се движи во добар правец. Покрај индустриското производство, расте и прометот во индустријата, извозот, како и бројот на работници во индустријата, се вели во соопштението.
Ова, се додава натаму, се само дел од податоците кои ја докажуваат успешноста на Владата предводена од СДСМ.
– Со влезот во НАТО и интеграцијата во ЕУ, ваквите позитивни трендови дополнително ќе се интензивираат. Интеграцијата во двата најмоќни светски сојузи отвора реални можности за зголемен број странски инвестиции, нови работни места и повисоки плати, што ќе значат повеќе пари и повисок животен стандард за сите граѓани, соопштува СДСМ.