Овоштарите од Преспа од 11 часот комплетно го блокираа патниот правец А3 Битола – Ресен кај местото Макази во двата правци, каде што се одржува од вчера најавениот протест.

Со блокада на магистралата овоштарите од Преспа бараат итна средба со премиерот Зоран Заев за продолжување на владината интервентна мерка од 3 денари субвенција за килограм јаболка што не се откупени од минатогодишната реколта. Интервентната мерка траеше од октомври до 25 декември лани, а овоштарите бараат таа да се продолжи до 30 јуни.

Лани имаше енормното производство на јаболка во Преспа од 120.000 тони. Поради невреме и тежина, испопаѓаа 70.000 тони, од кои дел овоштарите продадоа. Половина од индустриското и конзумното јаболко им остана по магацините. Сега индустриското јаболко се продава по 1, а конзумното од 3 до 6 денари за килограм, а и пласманот е слаб.

Овоштарите на состанокот во Ресен рекоа дека 50.000 тони јаболка што останаа ќе ги фрлат што ќе предизвика еколошка и економска катастрофа.

– Лани имавме хиперпродукција на јаболко и сѐ уште во складиштата стојат јаболка кои се собрани, а не се продадени. Минатата година интерветната мерка не ̀остави на пола пат. Околу 40.000 тони беа продадени, а другото остана. Ние немавме доволно логистика и помош тоа да биде транспортирано до преработувачките капацитети кај нас и во соседството. Замислете, овоштар кој има во своите магацини стотина или двесте тони јаболко, да оди в продавница и да зема леб на вересија, рече Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари „Благој Коталровски“ од Ресен.

Преспанските овоштари бараат исплата и на штетите од измрзнувањето на овошките во 2017 година.