Зоран Заев со 59.240 гласа „за“, 865 „против“ и со 277 неважечки ливчиња е избран за претседател на СДСМ на првите непосредни внатрепартиски избори.
Како што истакнаа од Централанта изборна комисија на СДСМ изборниот ден помина во најдобар ред, без попречување и согласно прописите.
На 237 избирачки места од вкупно запишаните 68 991 активни членови гласале 90 отсто, а првичните резултати се за пребрени 227 избирачки места.
Актуелниот и новоизбарн претседател на СДСМ попладнево на својот фејсбук профил објави дека денеска првпат во тридецениското постоење на плурализмот во Македонија, токму членовите на СДСМ избираат претседател на директни, внатрепартиски избори.
-Заедно испишуваме историја практикувајќи највисоко ниво на внатрепартиска демократија. Ова е нова, додадена вредност, нов стандард на македонската политичка сцена, поставен од најдемократската, најпрогресивната, модерна и европска партија – СДСМ, објави Заев на својот профил на Фејсбук.
Фалбите за демократски и историски избори со еден кандидат предизвикаа многубројни реакции и потсмев на социјалните мрежи и споредби со лидери од земји во кои демократијата не е на завидно ниво.