Снегот кој во саботата наврна во земјава им создаде многу неприлики на селаните од повеќето рурални средини во Кичевско, бидејќи дел од селата имаат тешко проодни патишта, а десетина села останаа без електрично напојување три и повеќе дена. И покрај интензивната акција што ја спроведе ЕВН, сепак поради тешкиот пристап до теренот и непроодните патишта сè уште десетина села се без електрично напојување.
-Поради искинати електроводови и паднати електрични столбови десетина села во кичевскиот регион сè уште се без електрично напојување. Електрична струја немаат селата: Прострање, Црско, Кладник, Карбуница, Душегубица, Иванчишта, Ехловец, Малкоец и Тајмиште. Екипи на ЕВН секојдневно се на терен, но тешко пристапните делови во регионот каде што има паднати електрични бандери или искинати електроводови, придонесоа веќе четвртти ден жителите од овие селски населби да немаат струја. Во текот на денешниот ден се очекува во поголем дел од овие села да се обезбеди електрично напојување и да се отстранат постоечките дефекти, информираа од РЦУК ПО Кичево.
Жители од овие селски населби се жалат дека залихите на месо во фрижидери постои опасност да се расипат и да станат неупотребливи, и затоа очекуваат во текот на денежниот ден конечно и во нивните села да се воспостави нормално снабдување со електрична струја.
Инаку, поради ниските температури во ноќните саати, патиштата до ридско-планинските села во Кичевијата се тешко проодни и лизгави и при движење на возилата се бара поголема внимателност токму поради лизгавите коловози.