Зголемен е бројот на лица каснати од кучиња скитници, од општините тврдат дека секојдневно се заловуваат, мал број од општините имаат прифатилишта за бездомните кучиња, а се повеќе граѓаните на социјалните мрежи споделуваат фотографии и видеа од глутници кучиња скитници.

Сепак, во локалните самоуправи се прават напори да се справат со бездомните кучиња, иако, како што информираат надлежните служби, кучињата се носат од еден во друг град. За третирањето на кучињата со стерилизација и други постапки, главно, се соработува со ветеринарните ординации и преку тендери, додека сосема е мал бројот на градови кои имаат специјализирани јавни претријатија или служби за оваа намена кои постојано тоа го работат.

Ова е резимето за состојбата со бездомните кучиња во општините, откако дописниците на МИА побараа одговори од локалните самоуправи на прашањето како градовите се справуваат со оваа сериозна проблематика.

Во целата држава само Скопје, Струмица и Прилеп имаат специјализирано јавно претријатие или комунална служба, кои 24/7 и во текот на целата година работат со заловување, третирање, како и нивно привремено задржување во прифатилиште пред вдомување или враќање на локација.

Веќе петта година во Прилеп функционира прифатилиште за бездомни кучиња при јавното комунално претпријатие „Комуналец“. Д-р Тања Барлакоска од прифатилиштето кое е со капацитет за 13 кучиња, вели дека дневно имаат по пет до шест пријави за бездомни кучиња или глутница на улиците.

Според нивно истражување, годишно има 700 до 900 бездомни кучиња во Општината што ги опфаќа градот и руралните средини. Од локалната самоуправа велат дека по тужби за каснати од бездомни кучиња се исплатени два милиона и 28 575 денари, а годинава за четири месеци се  близу 513 000 денари колку за цела 2021 година.

Од февруари 2023 во Струмица почна со работа стационарот за бездомни кучиња со кој управува ЈП „Лана“. Стационарот располага со вкупно 58 легла-боксови, каде работат двајца ветеринарни лекари, тројца ветеринарни техничари, двајца заловувачи и тројца одгледувачи.

Проекцијата на локалните власти по отворањето е во период од две години целосен третман на целокупниот број бездомни кучиња заедно со новородените и новодојдените на територијата на Општина Струмица. За функционирање на стационарот, Општината предвидува 4,5 милиони денари годишно, но и самиот ќе обезбедува средства преку заловување и третман на кучињата од општините Босилово и Ново Село.

Во Битола, пак, имаат локација за прифатилиште, но бараат од Владата финансиска помош за изградба. Во меѓувреме проблемот го решаваат во соработка со економскиот оператор „Проветалек“, кој изврши заловување и обезбеди ветеринарен третман на 88 бездомни кучиња. Минатата година Општина Битола исплати 2,8 милиони денари оштета на граѓани кои биле каснати од куче, информираа од локалната самоуправа.

Во најголемиот туристички центар-Охрид исто така преку тендерска постапка избрана е ветеринарна амбуланта за хуман третман на кучињата скитници од Демир Хисар, која во соработка со Јавното претпријатие и граѓанските здруженија за заштита на животните од градот, ги заловува кучињата и ги третира. Сашо Најдески, директорот на ЈП „Охридски комуналец“ за МИА изјави дека за соодветен хуман третман на кучињата претпријатието минатата година од буџетот на Општината добило 500 илјади денари, што е доволно за третман на некаде 80 до 90 животни.

Општина Струга, пак, во соработка со овластена ветеринарна клиника во февруари почна со заловување и третман на кучињата скитници во градот, а презентираше и проект за изградба на стационар за хуман третман на кучињата, за чија реализација побара помош од државата и меѓународни фондови. Според статистиката на СВР Охрид, минатата 2022 година имало двојно повеќе пријави во однос на претходната. – Од почетокот на оваа година до сега регистрирани се вкупно 25 пријави од лица каснати од куче скитник, информира за МИА портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Општина Штип го решава проблемот со кучињата скитници во соработка со активистите од штипските здруженија за заштита на бездомните животни. Тоше Ѓорѓиевски раководител на Сектор за инспекциски работи во Општина Штип вели дека секоја недела на територија на Општина Штип се врши залолување на бездомните животни, а во акцијата учествуваат претставници на Општина Штип, граѓански активисти и ветеринарниот оператор „Тодор Велков“ од Куманово“.

-Ваквиот начин на решавање на проблемот со бездомните животни почна да се применува отако на заедничка маса седнаа сите три страни и заеднички се договорија. Лани за повеќе од половина година заловени се над 100 бездомни кучиња во Штип, од кои над 20 веќе се вдомени. Во просек во секоја акција се заловуваат по пет до шест кучиња кои панатаму хумано се третираат, рече Ѓорѓиевски.

Според податоците од Општина Штип лани од страна на граѓани поведени се вкупно пет судски постапки, заради надомест на штета, додека годинава немаат примено тужба за спор заведен пред Основниот суд во Штип.

За девет општини во Вардарскиот регион почна изградба на стационар за бездомни кучиња, лоциран на територија на општина Кавадарци, со што се решава овој акутен проблем за 150 илјади граѓани. Преку посебна веб платформа е предвидено да се олесни и начинот на пријавување на проблем од страна на граѓаните, а ќе се изработи и систем за следење и регистрација на бездомни кучиња.

Општина Делчево, пак, одвои 500 илјади денари за заловување кучиња скитници преку акции во соработка со Ветеринарната станица од Виница како економски оператор со кој потпишан е договор по претходно спроведена јавна набавка. Договорот, како што информираа од Општината, опфаќа услуги за заловување, интервенции и хуман третман на бездомни кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња затекнати на јавна површина без присуство на сопственикот.

Во Куманово во март, беше склучен последниот тендер со ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“ за заловување и овој пат се одвоени 1.500.016 денари. „Тодор Велков“ располага со прифатилиште во кумановското село Четирце, a го спроведува и заловувањето и во соседните општини, Старо Нагоричане и Липково.

– Од почетокот на тендерот заловени се 40-тина кучиња. Куманово го решава овој проблем, но потребно е системско решение за намалување на бројот на кучиња скитници, не само во градот, туку на ниво на државата, изјави раководителот на секторот за инспекциски надзор од општина Куманово, Бобан Бојковски.

Годинашната програма за справување со бездомни животни во Крива Паланка, пак, се реализира во соработка со сточарско- ветеринарен центар „Тодор Велков“, Куманово – единствената фирма што во јануари се пријавила на тендерот распишан од страна на Општината, по што во февруари е склучен договор. Годишниот буџет издвоен за оваа намена изнесува 720.000 денари и е зголемен споредено со минатата, 2022 година, кога беа одвоени 600.000 денари. Од 2016 година се води евиденција со регистар на подрачјето на Општина Крива Паланка и има регистрирани само седум напади на граѓани од куче, случаи за кои е исплатена отштета кон граѓаните во висина од околу 500.000 ден.

Справувањето со кучињата во Гостивар е согласно Програмата за решавање на проблемот со бездомните животни за 2023 година, но градот има потреба за изградба на нов и поголем центар со резерват за грижа на бездомните и опасни животни. Во тек е јавен повик за Заловување и стручен третман на кучиња скитници и нерегистрирани кучиња на територијата на општина Гостивар кој трае до средината на мај.

Општина Тетово во август договори соработка со невладината организација Амос Шелтер со што се заловија 82 кучиња. Од Општината велат дека за понатамошните акции и соработки дополнително ќе се разговара, а како што тврдат, загрижува што секојдневно се носат и по повеќе од 20 кучиња од други населени места во Тетово.

-Нашите екипи ги следат овие прекршители, но не е едноставно да се пресретнат на лице место и да се регистрираат таблиците на возилата што ги носат кучињата, посочуваат од Општина Тетово.

null

Од Амос Шелтер велат дека за да се стави под контрола проблематиката со бездомните кучиња треба да се дефинира национална стратегија помеѓу различни институции и ентитети.

-Институциите да создадат регистар на одгледувачи на кучиња со силна контрола и казни за секое не пријавено легло.  Со пари од општински буџети, ветеринарни амбуланти да обезбедат бесплатни кастрации и стерилизации за бездомни кучиња и задолжително аплицирање на микрочип. Здруженија за заштита на животните да имаат право да згрижуваат и да вдомуваат кучиња од улица, според досегашните статистики, најмногу вдомувања од нашата држава се тие од здруженија кои според сите протоколи праќаат во соодветни домови, потенцираше Гент Тоска од здружението.

null

Воедно, од здружението велат дека функционалноста и подоброто справување е можно и сега но е потребно институциите и организациите да имаат разбирање и соработка во континуитет.

-Ако институциите не ги стават под контрола одгледувачниците на кучиња тогаш без разлика дали масовно се стерилизираат/кастрираат бездомни кучиња нема да може да се реши проблемот. Ако ветеринарните амбуланти не се плаќаат на време од општините за стерилизациите/кастрациите тогаш нема да има доволно стерилизации/кастрации за да се намали бројот на бездомни кучиња поради тоа што секои 4 до 6 месеци ќе има доволно нови легла по улици. Ако на здруженијата им се оттежнува вдомувањето надвор од нашата држава тогаш нема да може да се оттстранат голем број од кучињата од улица што ќе значи дека глутници на кучиња ќе продолжат да се формираат, потенцираат од Амос Шелтер.

Во ноември 2019 година во Гостивар 17 годишно девојче бегајќи од кучиња скитници падна во реката Вардар и го загуби животот.

null

Инаку, по настанот со убиството на десетина улични кучиња во Струга на почетокот на годинава, што предизвика бурни реакции во јавноста, премиерот Димитар Ковачевски рече дека и покрај тоа што проблемот со кучиња скитници е во надлежност на локалните власти, Владата ќе бара помош од Брисел, преку ИПАРД програмите да се изгради стационар, кој ќе биде дом за тие кучиња. Потенцирајќи дека тоа е исклучителна надлежност на општините тој меѓу другото посочи дека не станува збор за тоа дали градоначалниците имаат моќ или не, туку за тоа дали имаат фокус, посветеност и волја да се справат со проблемите.

Александар Самарџиев-Тетово
Зоран Маџовски-Гостивар
Александар Бачиќ-Охрид
Слаѓана Стојкова Костоски-Струга
Елизабета Митреска-Прилеп
Марјан Танушевски-Битола
Светлана Дарудова-Кавадарци
Александра Максимовска-Куманово
Ирена Белешковска-Крива Паланка
Валери Спасевски-Делчево
Викторија Димитрива Јованова-Штип
Ристо Тасев-Струмица 

Фото: МИА