Четиричлена комисија од јавни обвинители од Јавното обвинителство на РСМ (ЈОРСМ) денеска врши надзор на постапувањето во предметите поврзани со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во Основното јавно обвинителство Струга и Вишо јавно обвинителство ЈО Битола, информираат од ЈОРСМ.

Од Јавното обвинителство посочуваат дека по целосните проверки на постапувањето, комисијата ќе изготви извештај.

Обвинителството во четвртокот соопшти дека има шест активни предмети против струшкиот градоначалник. Оттаму посочија дека исклучително сериозно ги земаат предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на Мерко врз постапките.

– Од тие причини, Обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана, соопшти ЈО во четвртокот.