Најмалку шест лица загинаа, а повеќемина се повредени откако вчера се урна петкатна зграда во која биле сместени студенти во Њу Делхи – соопштија денеска локалните власти.
Претходно властите соопштија за пет жртви, но бројот се зголеми на шест откако едно од спасените лица им подлегна на повредите за време на ноќните спасувачки операции, пренесува весникот „Индија тудеј“.
Досега од урнатините се извлечени 11 лица, а се проценува дека меѓу 30 и 50 студенти сè уште се заробени, додека спасувачките екипи интензивно продолжуваат со пребарување на теренот.
Зградата, позната како „Хостел Дејз“ (Hostel Days), се наоѓа во близина на јужниот кампус на Универзитетот во Њу Делхи, во област со тесни и пренатрупани улици исполнети со студентски домови и ресторани. Жителите изјавија дека објектот бил стар речиси 50 години и дека во неговиот подрум во моментот на несреќата се изведувале градежни работи.
Очевидци за „Тајмс оф Индија“ изјавија дека непосредно по уривањето на петкатницата се урнала уште една зграда во нејзина близина, а беше објавена и снимка од безбедносните камери на која се гледа како сопственик на блиска продавница за малку избегнува да биде потиснат.
Трауматолошкиот центар „АИИМС“ (AIIMS) соопшти дека по инцидентот примил 10 пациенти, од кои петмина починале, четворица се во тешка состојба, а еден со полесни повреди е пуштен на домашно лекување. Локален жител посочи дека во пансионот имало околу 15 соби во кои живееле од 35 до 40 студенти, од кои многумина биле во своите соби за време на уривањето бидејќи било недела.




