По денешното реми со прилепска Победа во 5. коло од Првата македонска фудбалска лига, Гоце Седлоски заминува од клупата на македонскиот шампион Шкупи.

Веќе извесен период во домашните фудбалски кулоари се потенцира заминувањето на Седлоски од тренерската позиција во Шкупи, кое се очекуваше да се случи веднаш по елиминацијата од Балкани во плеј-офот од Конференциската лига. Нескриени се информациите дека, сега веќе, досегашниот тренер на чаирчани веќе има и договорено нова фудбалска средина каде ќе ја продолжи својата тренерска кариера, пренесува ЕКИПА.

Шкупи имаше и повеќе од разочарувачко европско лето со само една победа, едно реми и шест порази низ повеќе од скромни изданија во квалификациите од Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига.

Чаирчани во Европа успеаја да победат само против шампион на еден Гибралтар, а двапати загубија од косовски Балкани што е повеќе од разочарувачки резултат за македонскиот клупски фудбал.