Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај ќе престојува денеска во Косово, на покана на неговата косовска колешка, Вјоса Османи, што ќе биде негова прва официјална посета на една држава по преземањето на функцијата на чело на Албанија на 24 јули годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што соопшти кабинетот на Османи, таа го поканила нејзиниот хомолог да го посети Косово, по повод почетокот на неговиот мандат како претседател на Албанија.
Според агендата, Бегај утрово во 10 часот ќе биде пречекан од Османи со високи државни почести на плоштадот, по што двајцата претседатели ќе имаат билатерална сртедба, а потоа ќе дадат изјави за медиумите.
Најавено е дека за време на престојот во Приштина Бегај ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца и со премиерот Албин Курти.
Бајрам Бегај, роден 1967 година, по професија професор и специјалист по медицина, ангажиран и во албанската армија, беше избран од Собранието на Албанија за претседател на Републиката на 4 јуни, а должноста од неговиот претходник, Илир Мета ја презеде на 24 јули.