Речиси половината Американци имаат член од блиска фамилија со затворска „кариера“, се нагласува во анализа на Универзитетот Корнел и лоби групата FWD.

Тие утврдиле дека 113 милиони луѓе (45 отсто од сите возрасни во САД) имаат член во блиската фамилија кој поминал најмалку еден ден во притвор или затвор.

Истражувањето е правено по телефон и онлајн анкета на национално репрезентативен примерок од околу 4.000 возрасни луѓе во летото 2018 година.

Секој седми Американец има член во фамилијата кој „отседнал“ барем една година во затвор и дури секој 34-ти има член на фамилијата кој отслужил 10 или повеќе години затвор.

Околу 6,5 милиони луѓе или секој 38-ми има член од блиска фамилија кој моментно е во затвор или притвор. Според истражувањето, црнците имаат 50 отсто повеќе изгледи од белци да имаат затворен член на фамилијата или трипати повеќе шанси дека тој член поминал една година или повеќе во затвор.