Има перцепција дека секоја власт по неколку години владеење се расипува и тоа е веројатно точно, рече Имер Селмани, поранешен министер и претседателски кандидат.

– Власта корумпира, а за ДУИ се има таква перцепција. ДУИ и на локално и на државно ниво се обвинуваат за криминал, но не е покренат ниту еден процес за разлика од функционери од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Но, ДУИ умее да соработува со обете овие големи партии кои се дел од она што би се нарекло бедем кој ги штити функционерите на ДУИ, коментира Селмани за Утрински брифинг.

Тој рече дека е точна оценката дека претходница на ДУИ е воена формација, па затоа национализмот е нивни терен.

– Се покажа дека ДУИ знае цврсто да игра на националните чувства, но има и одредени елементи на државност, понекогаш дури и на повисоко ниво од повеќето македонски политички партии. Сетете се на 2017 година. Тогаш, по сите оние бомби, ДУИ покажа чувство за државност кога требаше да одлучи со кого ќе коалицира. Друга работа е придонесот на ДУИ за Преспанскиот договор и неговата успешност со што се реши деценици спор, а ние набргу станавме членка на НАТО. Признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е дел од тие добри последици, вели Селмани.

Албанските гласачи, вели Селмани, како и сите гласачи, прво ги гледаат своите ситни интереси, но потоа ги гледаат и општите интереси.