Во организација на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на 17 август во Охрид ќе започне 56-тата по ред Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, со најавено учество на околу 70 странски македонисти од 18 држави и од повеќето соседни земји и од регионот, освен од соседна Бугарија.
На Школата којашто ќе трае до 31 август ќе учествуваат околу 70 странски македонисти и слависти, посветеници на македонскиот јазик, литература и култура, од Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република.
Меѓу семинаристите и оваа година ќе има и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, особено во групите на напреднато рамниште.
Особено значајна е бројноста и на семинаристи на почетно и средно рамниште, кои се од новите генерации посветеници на македонистиката и имаат желба и подготвеност да ги афирмираат македонскиот јазик, литература и култура во светот во текот на следните години и децении.
Истовремено, значајно е што бројот на семинаристите се зголемува во споредба со претходните години, што е уште еден показател и за континуираното зголемување за македонистиката во меѓународната академска заедница.
Според организаторот, и за ова издание на Школата конципирана е програма која се очекува на странските македонисти и слависти да им овозможи нови сознанија за македонскиот јазик, литература и култура и да ги поттикне на натамошни истражувања посветени на македонистиката.
Предводено е во рамки на Школата семинаристите да следат лекторска настава и веќе се организирани лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно, и тоа напредно со две поднивоа, за јазик, и за литература. Ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, при што дел од нив ќе бидат и во чест на важни јубилеи за македонистиката и за македонската историја кои се чествуваат во 2023 година, пред сè јубилеите 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, како и 120 години од Илинденското востание и стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов. Во рамките на Школата ќе биде организирана и јазична работилница, а заа семинаристите коишто се интересираат за македонскиот фолклор, традиционално ќе се одржи и курс по македонски ора. Во рамките на Школата ќе се одржат и промоции на значајни книги, книжевни средби и интерактивни настани, а семинаристите ќе бидат специјални гости и на 35. издание на традиционалната меѓународна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.
Школата се организира со финансиска поддршка од Министерството за култура, а дел од програмските активности ќе се остварат и со поддршка од Општина Охрид.
По 56. Летна школа се најавува и јубилејната, 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, којашто ќе е одржи од 1 до 3 септември 2023 година во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.