Семир Османагиќ, археолог и истражувач кој со години е во фокусот на светската јавност поради своите тврдења за постоењето на босанските пирамиди, во интервју за МИА, снимено во куполата под тунелите, говори за откритијата и истражувањата во Високо – гратче лоцирано на околу 30 километри од Сараево.

Според Османагиќ, овој локалитет претставува „оаза на добра енергија“, место кое секоја година привлекува илјадници посетители, туристи и истражувачи.
Во разговорот, тој се осврнува на истражувањата кои уште од самиот почеток предизвикуваат голем интерес, но и бројни реакции и полемики во научната и пошироката јавност. Османагиќ зборува за тунелите Равне, кои се наоѓаат под пирамидите и денес се едни од најпосетуваните локации во овој комплекс. Објаснува што е тоа што посетителите го чувствуваат кога влегуваат во тунелите, зошто многумина веруваат дека таму постои посебна енергија со лековити својства и какво значење, според него, има каменот оргонит кој се наоѓа во овој простор.
Османагиќ појаснува дека во тунелите има комбинација на 10 енергетски елементи, од кои првите пет се отсуство на сите штетни зрачења. „Во тунелите, 20 метри под земјата, нема штетни космички зрачења, нема природни радиоактивности, нема геопатогени зрачења. Но, нема ниту подземни води, сигнал за мобилен, за интернет, нема ви-фи зрачења, кои се многу штетни. А што има – има пет мерливи енергии меѓу кои оргонска животна енергија, која се мери со инструменти. Во тунелите има и многу висока концентрација на негативни јони кои влијаат на подобрување на 42 здравствени состојби, како што се: шеќер, притисок, концентрација, болки, работа на органите – црн дроб, бели дробови, бубрези, срце, но и на ментални, невролошки болести“, додава археологот.
Тој истакнува дека се е мерливо и може научно да се докаже. „Ние постојано мериме, имаме енергетски мерења“, вели и притоа додава дека енергијата на пирамидите се користи за заштита на здравјето.
„Луѓето кои имаат проблеми со дишење, со астма, бронхитис, воспаление на синусите… во тунелите Равне продишуваат. Доаѓаат седум до 10 дена, дишат толку добро што повеќе не им треба инхалатор. Остануваат по еден час наутро, еден час попладне. Луѓето кои имаат висок крвен пртисок го нормализираат, луѓе со висока гликоза, со шеќер, пред влезот во тунелите кога мерат имаат 10,5 шеќер, по 45 минути кога ќе излезат надвор повторно мерат и имаат 5,7, споделува искуства Османагиќ и додава дека некои луѓе со многу тешки заболувања остануваат и по еден месец по што, како што истакнува,„покажуваат неверојатни знаци на унапредување на здравствената состојба“.
Тој вели дека е многу важно да се потенцира дека неговата фондација е регистрирана за археолошки и научни истражувања, а не за медицина. „Ние не даваме здравствени гаранции, ние се занимаваме со наука. Се е мерливо и можеме научно да го докажеме“, вели тој.
Многумина слушнале за босанските пирамиди, но малкумина знаат како започна целата приказна. Кој беше моментот кога Вие рековте – овде има нешто големо?

Добродојдовте во Дистриктот на босанските пирамиди – не политички дистрикт, туку оаза на добра енергија. Јас веќе 40 години се занимавам со истражување на пирамиди и мегалитни локации ширум светот. Мојата докторска дисертација е за пирамидите Маја, патував многу често во Мексико, Гватемала, Хондурас, Салвадор, Белизе, додека живеев во Хјустон во Тексас, а ги истражував пирамидите ширум светот и заклучив дека она што не учат за пирамидите е погрешно. Кажуваат дека се градени во Египет, Мексико, но наместо тоа градени се во 33 земји, на 6 континенти. Освен Централна Америка тука се Перу, Боливија, Канари, Маурициус, Судан, Египет, Кина, Индонезија, Камбоџа, Австралија, Шпанија, Сицилија, Сардинија, Грција итн.
Во 2005 година во април уште живеев во Хјустон, дојдов во овој град Високо да го посетам локалниот музеј. Но она што го привлече моето внимание беше издигнување кое сите го викаа природен рид, бидејќи е прекриено со земја, вегетација, шума. Јас гледав геометрија со 4 триаголни страни. Така се пирамидите градени во повеќето земји во светот. Таа 2005 г се вратив од Хјустон, добив дозвола за прелиминарни истражувања и почнавме со геолошки сондажни бушења, археолошки сонди, лабораториски анализи, се тоа беа аномалии, напишав книга, закажав голема прес – конференција и во октомври 2005 година му објавив на светот дека ги пронајдовме првите пирамиди во Европа.
Вашите истражувања предизвикаа огромен интерес, но и многу полемики. Што им одговарате на луѓето кои се скептични?
Од првиот ден мене ми беше јасно дека станува збор за вештачки структури кои се прикриени со вегетација. Меѓутоа, бидејќи луѓето мислат дека пирамиди се само оние во Египет, кои се во пустина, таму климата е поинаква, таму е сончево, таму нема дожд, нема зеленило, така луѓето создале погрешна перцепција за пирамидите.
Мене ми е јасно, истражувајќи низ целиот свет, дека повеќето од нив се покриени со вегетација. И во Кина, Индонезија, Камбоџа, Мексико, Гватемала, Америка, пирамидите во Кахокија и слично.
Тоа е првата работа, првиот лимит со којшто се соочувавме. Второ, ние учевме во училиштата дека пирамидите се гробници на фараоните, а во Босна немало фараонска цивилизација. И тоа е исто така бесмислено. Ние мораме да ја промениме дефиницијата за пирамида. Што е пирамида? Пирамидата не е гробница, пирамидата не е место за жртвување, пирамидата пред сè е градба составена од вештачки градежен материјал, која има геометриски облик на четиристрана пирамида, која е ориентирана кон страните на светот, која има свои простории и премини, која има подземни тунели, која има многу специфични материјали како кварцни кристали што ја засилуваат енергијата.
Така што, тоа што јас го работам е пионерска работа, и не е само во локални босански рамки, туку всушност и на глобално ниво. Во мојот случај отпорот беше од локално до глобално ниво. На почетокот археолозите ме напаѓаа, историчарите тврдеа дека е невозможно, дека нема пирамиди во Босна, велеа тој не е археолог и така натаму. Значи, луѓе кои всушност немаат искуство.
Така изгледаа тие напади. Е сега, тие напади беа поради незнаење. Ние на Балканот, освен еден Словенец, Шрајц, немаме ниту еден човек што ги проучува пирамидите. Археолозите мислат дека знаат што е пирамида. Но, не знаат. А јас сум човек кој истражувал повеќе пирамиди во светот од кој било друг. Нема човек во светот што истражувал повеќе пирамиди од мене. Јас имав пристап до кинеските пирамиди, Маврициус и така натаму.
Значи, првата работа е незнаењето, втората е љубомората, зависта, културата… Од самиот почеток мене ме следеа напади, многу агресивни напади од домашни археолози, историчари, геолози, музеи, Mинистерството за култура. Кога видоа дека сме упорни, дека основавме Фондација за археолошки и научни истражувања, дека добиваме дозволи, дека изнесуваме докази, научни аргументи, тие станаа уште поагресивни и се поврзаа со Европската археолошка асоцијација, која пишуваше изјави против нас.
Интересно е што никој од нив не дојде овде. Дури ни овие археолози од Сараево. Тие се само на 20 минути од овде, но не дојдоа. Не дојдоа да ги видат нашите ископувања.
Ние на почетокот, во април 2006 година, пред да почнеме со ископувањата, имавме посета од делегација на Рударско-геолошкиот факултет од Тузла. Јас ги поканив и им реков: ние ќе почнеме со ископувањата на 14 април, дојдете кон крајот на април. Тие дојдоа на 1 април, пред ископувањата, прошетаа, видоа шума и рекоа овде нема ништо, ова не е пирамида. Направија извештај што го усвои Наставно-научниот совет на факултетот и денес, кога ќе отидете на интернет, таму стои дека геолозите од Тузла рекле дека нема пирамида во Босна.
Кога почнавме со ископувањата, еден метар под наносите земја почнавме да пронаоѓаме блокови, правоаголни, квадратни, од 8 до 40 тони. Ги анализиравме. Станува збор за вештачки бетон, така ни кажаа седум институти за материјали од Италија, Франција, Чешка, Словачка и Босна. Кога повторно ги повикавме овие геолози од Тузла, тие рекоа: не, ние веќе бевме, го дадовме нашето стручно мислење, таму нема пирамиди.

Тогаш сфатив дека има многу политиканство во науката. Од некоја причина тоа ним не им одговараше. Зошто? Тешко ми е да кажам која е нивната мотивација, но знам дека на почетокот на 2006 година, во неколку наврати, имавме археолози од Сараево кои дојдоа на ТВ дуел со мене, лице в лице.
Се посрамотија поради своето незнаење, бидејќи не ги познаваат пирамидите во светот за разлика од мене. И не ги знаат аргументите до кои дојдовме ние. После тоа никој повеќе не се осмели да дојде сам во студио. Ги повикуваа различни телевизии, но никогаш не дојдоа. Тие и понатаму зад грб, зад завеса, зборуваат против нас. Тоа е една многу чудна ситуација.
Е, сега, погледнете кои се нашите аргументи. Прво, ја имате геометријата на пирамидата. Второ, дојдоа од Геодетскиот завод на Босна и Херцеговина, тројца инженери по геодезија со научен инструмент наречен „Тотал станица“. Поставија инструменти за снимање, се поврзаа со сателит и утврдија дека отстапувањето на северната страна на Босанската пирамида на Сонцето кон географскиот север е само 0 степени, 0 минути и 12 секунди. Тоа е неверојатна прецизност.
Второ, институтите за материјали, како што реков, од Италија, Франција, Чешка, Словачка и Босна, правеа анализа на нашиот бетонски материјал и рекоа дека тоа е најквалитетниот бетон досега. Има поголема отпорност на притисок од нашите бетони денес и помала апсорпција на вода. Значи, супериорен е.
Понатаму, правевме снимања на енергетски феномени. На врвот на Босанската пирамида на Сонцето измеривме фреквенција од 28 kHz. Таа е електрична и ултразвучна по својата природа. Тој енергетски зрак има радиус од 4,5 метри. Се зголемува на 24,5 метри и станува сè посилен што повеќе се оддалечува од пирамидата.
Тоа во науката се нарекува Теслини скаларни бранови. Фреквенцијата од 28 kHz ја користел и Никола Тесла во својата позната кула „Ворденклиф“ во државата Њујорк пред 120 години за пренос на енергија.
Тунелите Равне денес ги посетуваат илјадници луѓе од целиот свет. Што е тоа што посетителите го чувствуваат кога влегуваат овде?
Нашиот прв заклучок, кога станува збор за намената на пирамидите, е дека тие се комуникациски уреди. Вториот заклучок е заштита на она што ни е најважно – нашето здравје. Имаме тунели под долината на пирамидите, тунелите Равне. Таму исчистивме 2,5 километри, но откривме вкупно 7 влеза во различни тунели, сите праисториски: тунелите Равне, Равне 2, 3, 4, 5, 6 и КТК тунелите, вкупно 3,6 километри и 1000 артефакти.

Она што го откривме е дека луѓето кои имаат проблеми со дишењето, астма, бронхитис и слично, воспаление на синуси, во тунелите почнуваат подобро да дишат. Доаѓаат 7 до 10 дена и дишат толку добро што повеќе не им треба терапија.
Луѓето со респираторни проблеми овде се излекуваат. Луѓето со висок крвен притисок го нормализираат. Луѓето со висок шеќер, со дијабетес, знаете, имаат мали апарати. Земат капка крв, мерат, пред да влезат во тунелите шеќерот им е 10,5, многу висок. По 45 минути излегуваат надвор, повторно мерат 5,7. Тоа е пад од речиси 5 единици.
Се зборува за посебна енергија со лековити својства во тунелите. Може ли да ми објасните за што точно се работи?
Сега ќе ви објаснам. Знаете колку пати сум слушнал дека луѓе кои имале болки во грбот, операции, со години се мачеле, а потоа одеднаш веќе немаат болки и не им требаат таблети против болка. Луѓе со многу тешки заболувања – тумор, рак… по неколку посети, понекогаш и по еден месец, покажуваат неверојатни знаци на подобрување на здравствената состојба.
И сега, многу е важно, ние сме фондација регистрирана за археолошки и научни истражувања, не за медицина. Значи, ние не даваме никакви здравствени гаранции. Но, она што го правиме е мерење. Ние се занимаваме со наука.
Во тунелите има комбинација од десет енергетски елементи. Накратко, првите пет се отсуство на сите штетни зрачења. Еве, сега седиме овде под оваа купола. Го гледаме синото небо, но сме изложени на космичко зрачење. Некои од тие зрачења се штетни за нас. Нашите телесни клетки постојано се борат против тие микро-зрачења.

Во тунелите, 20 метри под земја, нема штетно космичко зрачење. Нема природна радиоактивност што доаѓа од земјата тоа го знаеме затоа што мериме. Имаме Гајгер-Милерови бројачи и нема радиоактивност. Нема геопатогени зрачења, нема подземни води, нема Хартманови јазли. Нема сигнал за мобилен телефон 4Г, 5Г, што е многу лошо и штетно. Нема интернет сигнал, нема Ви-Фи зрачење.
А што има? Има пет мерливи енергии.
Шестиот елемент е најдобрата фреквенција на електромагнетизам 28 kHz. Тоа е фреквенцијата на нашата планета. Нашата планета е нашата мајка и секогаш ни дава добри фреквенции. Број 7, најдобрата фреквенција на ултразвук, исто така 28 kHz. Тоа е фреквенцијата на левитација. Луѓето се чувствуваат лесно во тунелите, како да левитираат. Број 8, една многу ниска фреквенција 7,83 Hz. Во науката тоа се нарекува оригинална Шуманова резонанца. Таа нè враќа назад во баланс. Број 9, оргонска или животна енергија. Имаме посебен инструмент за мерење на таа животна енергија, која во источните традиции Тибет, Индија, Кина ја нарекуваат прана или чи. Луѓето долго мислеле дека тоа е невидлива енергија. Знаеле дека постои таков вид енергија, но не можеле да ја измерат. Сега постои инструмент за мерење, кој работи на скала од 0 до 100 отсто.
Во нашите градови, кои се контаминирани, нивото на органска енергија е 20 отсто. Во селата 50 отсто. Во тунелите, на пирамидата 100 отсто.
И број 10, многу висока концентрација на негативни јони. За негативните јони учат студентите на медицинските факултети на часовите по физиологија. И таму точно велат дека негативните јони влијаат на подобрување на 42 здравствени состојби.
Таму се набројува сè што и ние овде го гледаме: шеќер, притисок, концентрација, болки, работа на органите – црниот дроб, белите дробови, бубрезите, срцето. Значи, сè што секојдневно го гледаме во сведоштвата.
И психофизичката состојба. И менталните проблеми. И тоа го гледаме. Луѓето овде се смируваат.
Значи, тоа се тие десет енергетски елементи. А убавината на тоа што го работиме е што сè е мерливо. Ако можете нешто да измерите со инструмент и научно да го докажете, тогаш тоа не е претпоставка.
Археологијата најчесто е претпоставка. Ќе најдете парче керамика и ќе го дадете на тројца археолози.
Она што ние го работиме е мерење. Поради тоа го отворивме проектот не само за археолози, геолози и класични науки, туку и за енергетски мерења, квантни физичари, нуклеарни физичари, електроинженери, инженери за звук, телекомуникациски инженери, доктори по медицина, геофизичари и така натаму.
Поради тоа, нашиот проект е мултидисциплинарен научен проект. Затоа, нашиот втор заклучок беше дека енергијата на пирамидите се користела за заштита на здравјето.
Дали сте слушнале сведоштва од луѓе кои велат дека им се подобрило здравјето или психофизичката состојба по посетата на тунелите? Која е најневеројатната приказна што сте ја слушнале?
Еднаш бев во нашиот музеј, имав предавање за некои генерали, кога влегува еден човек од Словачка. Возбуден, нешто зборува, носи два листа хартија.
Почекајте, што се случило?
Тој имал рак на белите дробови. Во Братислава, нормално, му предложиле хемотерапија и операција. Но, тој рекол: „Не, ќе одам во тунелите во Босна“.
Какви тунели? Тој слушнал за нив, но претходно не бил таму. И дошол овде и останал еден месец. По еден месец се вратил назад и направил КТ снимка. Имаше КТ пред да дојде – со рак на белите дробови и КТ по враќањето. Ракот повеќе го немало, речиси целосно исчезнал.
И тој ги носеше тие два документа. Бидејќи држев предавање за генерали, со мене имаше и новинари, а тие ја објавија приказната во најтиражните весници во Босна и Хрватска, на насловна страница: „Словак се излекувал од рак на белите дробови во тунелите Равне“ и така натаму.
Тоа ми падна на памет. Ракот на белите дробови не е наивна работа, тој е многу, многу тежок.
Имавме и еден Германец, се викаше Андреас. Имаше рак на простата. А ракот на простата кај мажите е исто така многу незгоден. И тој одбил лекување во болница, дојде кај нас, беше овде околу еден месец, а потоа користеше вода од тунелите.
Ете, тоа е третата намена на енергијата на пирамидите – таа влијае на водата. Кога водата ќе ја изложите на различни влијанија, таа ја менува својата молекуларна структура. Како го знаеме тоа? Доктор Масару Емото од Јапонија земал различни примероци вода, ги замрзнувал на минус пет степени и потоа ги фотографирал преку електронски микроскоп.
Градската вода содржи хлор што ги убива микробите, но хлорот е отров. Во некои земји додаваат и флуор, кој исто така е отров. Во градската вода има остатоци од тешки метали, бидејќи водата поминува низ метални цевки и го раствора металот. Во градската вода има микропластика, затоа што во нашите кујни водата поминува низ пластични цевки и ја раствора пластиката. Тоа е водата што ја пиеме.
Тоа не ни го кажуваат медицинските власти дека цел живот пиеме отровна вода и затоа заболуваме. Еве, јас ви го кажувам тоа.
Нашата градска вода, кога совршено ќе се замрзне и ќе се фотографира, нема никаква структура, целосно е оштетена. Ја споредивме со нашата вода од тунелите, која не е третирана, која илјадници години е изложена на енергијата на пирамидите, која нема микроби, има одличен pH од 7,45, тоа е идеален pH фактор.
Таа наша вода од тунелите има хексагонална, шестаголна структура. Зошто хексагонална? Затоа што тоа е најмоќната геометриска форма кога станува збор за енергијата, а покрај тоа има и прекрасна кристална структура. И само кога ќе ја погледнете молекуларната структура, ви станува јасно дека тоа е енергетски жива вода. Како што јас велам „среќна вода“.
Е сега, да се вратам на тој Австриец, Андреас од Виена. Рак на простата, беше овде еден месец. Потоа купи наша вода и ја однесе во Виена. Ја пиеше два месеца. Потоа повторно отиде на снимање – ракот повеќе го немаше.И отишол кај еден многу угледен уролог во Виена. Урологот гледа и не му е јасно што се случило. Го прашал – што се случи? Бев во тунелите. Пиев вода од тунелите.

Тоа се навистина спектакуларни примери.
Зошто ние не ги истакнуваме премногу? Во нашите соопштенија никогаш не велиме дека се занимаваме со лекување. Но она што го правиме е повремено да снимаме луѓе кои имаат вакви здравствени искуства.
Знаете, мојата улога тука е многу деликатна. Здравјето е чувствителна тема. Ако на некого нешто му кажете, луѓето очекуваат дека тоа ќе помогне на сите. Веднаш се појавува надеж.
А од друга страна, кој сум јас да кријам информации и да кажам: не сакам да се зборува за тоа? Затоа најдов компромис – ги снимаме луѓето. Луѓето велат: „немам повеќе болки “, „ми помина воспалението“, „веќе не кашлам “, „го подобрив шеќерот “, „ова ми се подобри“, „ми помогна со туморот“ и така натаму.
Луѓето сами зборуваат. А потоа ние тоа го објавуваме на Јутјуб, на веб-страници, на Инстаграм, на Фејсбук… многу луѓе го гледаат тоа.
Во текот на зимата, 80 отсто од нашите гости се луѓе што имаат здравствени проблеми. Зошто во текот на зимата? Прво, има помалку гужва. А второ, концентрацијата на негативни јони е поголема. Кога има помалку луѓе, негативните јони нè прочистуваат.
Дали се менува температурата во тунелите во текот на зимата?
Секогаш е иста. Од 12 до 14 степени, и лето и зима. Влажноста е 75 до 80 отсто, и лето и зима. Кислородот е од 20 до 20,9 отсто, и лето и зима.
Значи, сите параметри се исти. И ние се трудиме да ги одржуваме такви. Затоа имаме само еден влез во тунелите, кој воедно служи и како излез. Ако би отвориле два или три влеза, во лето би влегувал топол и сув воздух, а тогаш би можело нешто внатре да се урне. Така што се трудиме сите тие параметри да останат исти.
Во тунелите се наоѓа и познатиот камен оргонит, за кој многумина велат дека има силна енергија. Дали се направени анализи?
Значи, во тунелите наидуваме на блокови кои се многу специфични и се разликуваат од сè останато во тунелите. Првото што го утврдивме е нивната позиција. Секогаш се наоѓаат над подземни водени текови.
Зошто? Ако имате кревет над подземна вода, за две, три или пет години ќе се разболите. Зошто? Затоа што тоа се лоши зрачења за нас.

Тие блокови, меѓу другото, имаат функција да ги неутрализираат негативните зрачења од подземните води, а имаме и други подземни енергии што се нарекуваат Хартманови јазли, Каријеви јазли и Шнајдерови јазли. Значи, тие целосно ги неутрализираат сите штетни зрачења. Тоа е првата работа.
Нивниот состав е поинаков од составот на материјалот во кој се направени тунелите.
Тунелите се направени од материјал што се нарекува конгломерат. Конгломератот се состои од камен, чакал и песок. Најчесто, кога има големи поројни поплави, водата носи сè пред себе – камен, чакал, песок, дрва, животински коски. Кога водата ќе се повлече, останува она што е тешко, каменот останува.
Оваа област каде што сега се наоѓаме има милиони и милиони тони таков конгломерат камен и чакал кои поради огромниот притисок станале компактен материјал. Во тој компактен материјал градителите ги направиле тунелите, го издлабиле и го исфрлиле материјалот.
Што направиле со тој материјал со каменот и чакалот? Го користеле за да направат бетонски блокови и да ја покријат Пирамидата на Сонцето.
Значи, постои директна врска меѓу подземниот и надземниот дел.
Е сега, во тие тунели, поради каменот, чакалот, песокот и различните минерали, имаме блокови што се светлокафеави. Направивме анализа во Институтот за атомска физика во Загреб. Беа направени две многу софистицирани анализи. Едната се вика рентгенска дифракциска анализа, а другата фазна анализа. Тоа значи дека ако во материјалот имате елементи од различни фази, од различна старост, тогаш некој ги ставил заедно и ги направил вештачки. Значи, не се природни, туку создадени.
Врз основа на тие две анализи ни го кажаа следново: Ова дефинитивно е керамика. Керамиката се прави по вештачки пат. Денес, за производство на керамика ни се потребни високи температури. Како тие ја направиле тоа е прашање.
Оваа област каде што сега се наоѓаме има милиони и милиони тони таков конгломерат камен и чакал кои поради огромниот притисок станале компактен материјал.
Ако малку подобро погледнете, најголемиот блок се вика К2. Тој тежи 8 тони. По своите димензии е поголем од самите тунели.
Тунелите се потесни, а тој блок е широк 3,5 до 4 метри. Како се нашол таму? Тој блок лежи на постамент. Под него има една плоча. Тоа е доказ дека е поставен намерно. Некој го означил тоа место, ставил плоча и го поставил блокот врз неа. Тоа е доказ за антропогено дејство, како што велат археолозите – значи дејство на човечка рака. Некој го поставил таму.
Зошто баш таму? Откривме дека 21 метар под тој блок се спојуваат два подземни водени текови. Штом имате подземни водени текови, имате и кинетичка енергија. Значи, сè е поврзано со енергијата. Од што се состои блокот?
Направивме анализа. Се состои од песочник, содржи кварцен кристал – има мали парчиња кварцен кристал, а има и три големи парчиња кварцен кристал – и содржи материјал што се нарекува мусковит. Мусковитот е многу интересен елемент во природата. Некои велат дека дури влијае и врз текот на времето, односно врз чувството за тоа како поминува времето.

Така, ќе влезете во тунелот, ќе излезете и ќе мислите дека сте биле 15–20 минути, а всушност сте биле еден час. Тоа се некои многу интересни работи.
Како е можно таа комбинација од материјали да влијае врз неутрализацијата на лошите енергии? Тоа се работи за кои денес размислуваме со сосема поинакви концепти. Очигледно е дека градителите подобро ги познавале енергиите, подземниот свет и материјалите отколку што ние ги познаваме денес. Интересно е, но така е. Тие немале лаптопи, немале компјутери, немале инструменти, но имале некакви други знаења.
Ете, тоа е приказната за тие блокови. Значи, можеме да чувствуваме енергии, но никој не нè учи на тоа.
Пред неколку илјади години, веројатно во некои други заедници, без нашата технологија, луѓето учеле како да ги чувствуваат енергиите. Зошто е тоа важно? Одредени животни чувствуваат каде има позитивна, а каде негативна енергија. Кучето секогаш оди таму каде што има позитивна енергија. Каде што кучето ќе легне, таму може да се стави кревет. Мачката е спротивно. Мачката секогаш оди на негативни енергии. Ако во куќата имате место над подземна вода, мачката ќе дојде таму. Или ако имате техничка радијација – рутер, компјутер и слично – мачката ќе оди таму. А коњот? Коњот секогаш оди на позитивна енергија.
Тоа се работи за кои денес луѓето повеќе не учат, но луѓето што живеат на село, кои сè уште се поблиску до природата, ги знаат тие работи.
Ние, луѓето, некогаш сме имале способност да чувствуваме. Можеби ќе ги отворевме рацете и ќе почувствувавме: „аха, ова е добро место, тука ќе се задржувам повеќе“, или „ова е лошо место, ова ќе го избегнувам“.
Тоа се многу едноставни, но и многу важни работи. Затоа што ако човек поминува многу време на место со негативна енергија, се разболува. И не знае зошто се разболел – ете, поради лошите зрачења.
Господине Османагиќ, ова е голем проект. Кој ви е најголема поддршка и колку државата учествува во сето ова?
Знаете, кога почнав со овој проект, кога се вратив од Хјустон, си реков: „Уау, ова е толку значајно. “ Прво, значајно археолошки и научно, а секако тука е и економскиот и туристичкиот потенцијал. Мислев дека сите ќе застанат зад мене. Наместо тоа, сите ме нападнаа. За жал, и после две децении, од државата добиваме многу, многу мала финансиска помош. Знаете, ова е археологија. Археологијата не трае една година – таа трае децении. За да се видат резултатите, потребни се децении.
Немавме финансиска помош, а требаше да водиме огромен проект. Тоа не е само една пирамида – Пирамидата на Сонцето – туку шест пирамиди: Сонце, Месечина, Змеј, Земја, Љубов… шест пирамиди, два тумулуса, седум подземни тунели, археологија, ископувања, научни анализи, научни конференции, лаборатории – сето тоа многу чини. А од државата немате пари за такви работи…
Следната работа: го отворивме проектот за волонтери од целиот свет – и тоа исто така многу чини. На крајот рековме: добро, ќе се финансираме сами преку археолошки туризам.
Ние работиме сите 12 месеци, но развиваме туризам. Ги повикуваме луѓето да дојдат кај нас. Јас секоја година одржувам 65 предавања во 40 до 50 градови, во 25 до 30 земји, на три континенти. Во последните 20 години имам одржано 1.200 предавања, во стотици градови, на шест континенти.
Ги правиме нашите е-маил кампањи, постојано сме активни на социјалните мрежи. Значи, развивме начин да ги привлечеме луѓето да дојдат. А кога ќе дојдат, се воодушевуваат, многу им е мило што дошле. Потоа доаѓаат повторно, носат роднини, пријатели, почнуваат да водат групи.
Ние не сме на класична туристичка локација каде што туристичките агенции носат луѓе, како кога се оди на Ајфеловата кула, па агенцијата организира сè.

Луѓето доаѓаат поради својот ентузијазам. Имаме човек од Унгарија — бил 66 пати. И не е туристичка агенција. Сам си носи групи.
Имаме човек, Радек од Словачка – повеќе од сто пати. Купил комбе, самиот вози, самиот е водич и секоја втора недела носи по осум луѓе овде.
Малку по малку градот почна да функционира. Имаме 150 сместувачки капацитети што се пријавени на букинг. Тоа значи куќи, станови, апартмани, бунгалови и така натаму. Ако во Босна имате 150 легални, сигурно има уште барем 150 нелегални. Луѓето имаат куќи, викендички, сè се изнајмува.
Минатата година беше изграден хотел со пет ѕвезди, го полнат само нашите гости. Значи, тоа се сите придобивки од туризмот.
Не беше лесно. Кога пред 10 – 15 години зборував за туризмот, дека е добар за сите и носи придобивки, ме напаѓаа дури и од градот, од општината. Но, со текот на времето сите почнаа да имаат корист од туризмот. Но, кога сте пионер, мора да бидете упорни и истрајни.
Според тоа одговорот на вашето прашање – која ни е најголемата поддршка. Ние самите сме си најголема финансиска поддршка, сами се финансираме.

Јас ја потрошив својата американска заштеда за да купам речиси 100.000 квадратни метри запуштено мочурливо земјиште, полно со диви депонии. Сето тоа го исчистивме, уредивме, засадивме десетици илјади садници – цвеќиња, украсни грмушки, овошки, листопадни и зимзелени дрвја.
Меѓу другото, со Новак Ѓоковиќ направивме и тениско игралиште, но тоа е во нашиот парк.
Значи, ја напуштивте Америка и вложивте сè во Високо?
Ја напуштив Америка, ја продадов фирмата, овде купив половина рид, направив имот и сега таму живеам.
Јас сум од Сараево. Таму завршив основно училиште, средно училиште, факултет, магистрирав и докторирав. Роден сум во Зеница. А Високо е на половина пат меѓу Зеница и Сараево. Значи, од овде сум. Но, долго живеев и во Америка – 25 години. Бев и во Хрватска доста време. Така што сум една интересна комбинација.
Но, јас го земам најдоброто од секоја од тие средини и го применувам овде во работата.




