Унгарија денеска трипати ги крена борбените авиони за да следи патнички летови во унгарскиот воздушен простор по дојави за бомби, додека два авиона кои летаа кон Софија безбедно слетаа, соопштија локалните власти.
Унгарскиот министер за одбрана Ромулус Русин-Сенди изјави дека борбените авиони првпат полетале по дојавата за закана на летот на компанијата „Визер“ од Брисел за Софија, а потоа уште двапати поради летови од Прага кон Кипар и Букурешт, пренесува „Гардијан“.
Бугарското министерство за транспорт соопшти дека дојави за бомби биле примени и за два лета кон Софија, од Лондон и Брисел, кои безбедно слетаа.
Меѓу авионите опфатени со безбедносни проверки беше и авионот на романската компанија „Таром“ на летот од Прага за Букурешт. Екипажот за време на летот емитуваше сигнал за општа вонредна ситуација 7700, а авионот безбедно слета во Букурешт. Дополнително беше утврдено дека заканата не била потврдена.
Француската влада претходно денеска соопшти дека се регистрирани четири нови дојави за бомби во авиони кои летале над Франција, додека чешката полиција предупреди на „нова закана“ со експлозивни направи во поголем број авиони кои слетувале на прашкиот аеродром или полетувале од него.
Кабинетот на францускиот премиер Себастијан Лекорни соопшти дека сите четири авиона безбедно слетале и оти екипите за отстранување експлозивни направи вршат безбедносни проверки, пренесе телевизијата БФМ.
И полицијата во Прага соопшти на X дека добила дојава за можно присуство на експлозивни направи во поголем број авиони кои летале кон и од аеродромот во главниот град на Чешка. Аеродромот наведе дека заканите не влијаеле врз неговата работа и дека најмалку осум летови биле мета. Меѓу нив биле дојдовни летови од Данска, Шпанија и Велика Британија, додека заканите за појдовни летови се однесувале на дестинации во Холандија, Кипар, Романија, Италија и Велика Британија.
Полицијата во Копенхаген соопшти дека е присутна на аеродромот поради упатени закани.
Најмалку 17 патнички авиони ширум Европа денеска беа погодени од низа закани за бомби, додека најмалку 27 патнички авиони ширум Европа биле мета на дојави за бомби од почетокот на неделата.




